БУНТУР Е ВИСТИНСКО ЛИДЕРИШТЕ ВО ВМРО-ДПМНЕ : Заменик генералниот секретар им порача на ВМРОВЦИТЕ – И гласот „против“, е глас за Македонија!

0
2048

Петар Богојески, заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, е еден од ретките членови на партијата кој јавно ги соопштува и аргументира своите ставови. Доаѓа од редовите на инцијаторите за реформи во партијата, а духот на очекувани промените го презентира преку активно учество во дебати, и јасни ставови за актуелните политички процеси. Во разговор за ДВ зборува за најактуелното прашање во моментов – претстојниот рефрендум.

ДВ: ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште нема јасен став во врска со претстојниот референдум. На што е резултат таквото неизјаснување?

– Партијата е во стресна состојба. Ова е исклучително тежок период. Има премногу шпекулации и подметнувања. Во очекување на официјалниот став, поради одлагање на некои одлуки, ние сме предмет на напад од сите страни. Нѐ напаѓаат тие кои очекуваат став, нѐ напаѓаат тие кои се ‘за’, па тие кои се ‘против’, за да на крај и најгласните кои се за бојкот. Факт е дека референдумското прашање е двосмислено, но ако се стави акцентот наПреспанскиот Договор и ако се знае дека ВМРО ДПМНЕ јасно кажа дека истиот е неприфатлив, тогаш веќе имате одговор на сите прашања.

ДВ: Не, немаме одговори, бидејќи токму ВМРО-ДПМНЕ во партиската програма на граѓаните им вети референдум за решение на спорот за името. Вие повикавте дека треба масовно да се гласа и тоа го поврзувате со ЕУ и НАТО-перспективите. Колкава е поддршката во вашата партија за таа агенда, бидејќи ве обвинуваат дека поддржувате проруска?

– Цврсто Ве уверувам дека повеќе од 85% од членовите на нашата партија подржуваат ЕУ и НАТО агенда. Само мал дел, од нешто помалку од 10% се против истата. Но, тоа е како резултат на револтот кај луѓето, бидејќи за членство во овие организации ние сме буквално уценети од Грција. Ако на тоа дополнително ја констатираме и појавата на силен евроскептицизам низ цела Европа, тогаш е сосема разбирливо нивното расположение. Нас како партија не следи среќа, па ја имавме таа среќа да се појават ‘руски партии’ и ловци на ситно, кои ја акумулираа таа негативна енергија, подалеку од нас. Секој партиски член треба да ја следи политиката на партијата и секако своите лични убедувања.

ВМРО-ДПМНЕ е конзистентна во врска со прашањето за името, па од тука и нашите ставови како партиски активисти. Зошто треба да се гласа на референдум? Затоа што референдумот е проект на ВМРО-ДПМНЕ и политиката на партијата е одлуката за проблемот кој го има Грција со нашето име, да ја донесат македонските граѓани. Дополнително, за мене тоа е највисока форма на практикување на граѓанскиот суверенитет врз Републиката. Зошто да се гласа против? Од едноставна причина што нашата партија има јасен став дека не прифаќаме промена на Уставот со цел промена на уставното име. Бидејќи овој договор го менува Уставот, нормално е да се гласа против овој договор, а не против ЕУ и НАТО. Зошто не бојкотирам? Затоа што не сакам да ја бојкотирам иднината на моите деца. Овој личен став, е одраз на моите лични убедувања и мојата лојалност кон партиските политики.

Mazedonien Gebäude Regierung (DW/P. Stojanovsk)

ВМРО ДПМНЕ уште без официјален став за референдумот

ДВ: Што ја доведе партијата до сегашната конфузија – политиката или политиканството?

– Практикувањето на политика на ниски страсти нѐ доведе до оваа состојба, како наследена од минатото. Проклето е тешко да им се објасни на дел од членовите дека ВМРО-ДПМНЕ мора да ги напушта тие практики и политики, на сметка на промовирање силни државнички политики. Ако јас се прашувам, инсистирам на политика, без грам политиканство во истата. Најдобро е на сегашноста да гледаме низ призмата на иднината.

ДВ: Ако партијата се залага за интеграција на земјата, а е против Договорот, тогаш, како ќе ги презентирате тие ‘државнички политики’?

– И гласот ‘против’ на овој референдум, е глас за Македонија. Тоа не е глас против ЕУ и НАТО, туку глас против Договорот. Секоја лична одлука на секој наш граѓанин е целосно легитимна. Мора да научиме дека македонските граѓани се суверени во оваа земја и сме силно убедени дека Македонија од транзициска, ќе ја промовираме во самоодржлива држава.

ДВ: Вие лично сметате дека бојкотот е неприфатлива опција…

-Тоа не е проект кој е во интерес на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Тоа е проект кој се шверцува од страна на луѓе кои сакаат целосната вина за евентуалното пролонгирање на процесите од евроатлантската агенда да падне на грбот на нашата партија, а да се амнестира СДСМ од одговорност. А реалноста е друга. Токму СДСМ со пристапот и методите кои ги користи, е најсилен фактор кој ја загрозува таа агенда. Некој сака да го амнестира СДСМ за неуспешен референдум, а да ја насамари ВМРО-ДПМНЕ. Сите треба да се обединиме во нашите политики против оваа Влада и да промовираме алтернатива во сите области. Но, факт е дека евроатлантската агенда е без алтернатива. Имам порака до сите наши сограѓани кои се одлучиле да ја поддржат опцијата за бојкот, а тоа е дека целта ги ограничува, но не ги оправдува средствата. Ако сакаме силна и стабилна Македонија, тогаш мора и средствата да бидат во таа насока. Не е можно преку бојкот на нашата заедничка иднина, да направиме напредна Македонија. Политичкиот радикализам не е решение за македонското општество. Немаме корист од размислување за минатото. Треба да се фокусираме на иднината. Ќе ми дозволите во Вашиот ценет медиум да истакнам еден наш вмровски сон, без да ми забележат останатите граѓани. Сонот на сите нас, припадници на Организацијата, е обединета Македонија. За тој сон паднаа илјадници. Само преку обединета Европа ние ќе го реализираме тој сон за обединета Македонија, без граници, слободна и просперитетна. Секој што се спротивставува на тој процес, може себе си да се нарече секако, но не припадник на Организацијата. Патриотизам е да се соочиме со предизвиците, а не да бегаме од истите.

ДВ: Дали таков патриотизам постои во ВМРО-ДПМНЕ?

– Секако дека постои. На вмровец не му доликува да се повлекува од било кој предизвик. Нема да се повлечеме. Ќе направиме сѐ, Македонија да успее. Само македонските граѓани имаат право да одлучуваат за иднината на оваа земја. Само на Владата на Зоран Заев ѝ е во интерес да останеме надвор од европските стандарди, за да можат да продолжат да владеат со истите методи од нашето минато. Колку побрзо Македонија ќе стане дел од НАТО и ЕУ, оваа Влада побрзо ќе падне. Имам и доказ за тоа. Се отвори пристапниот процес за НАТО, и на виделина излезе неспособноста на Владата тој процес да го спроведе. Целосно го бирократизираа до тој степен, да си дозволат рокот за полноправно членство да го пролонгираат за цела година. Како овој процес ќе влегува во посериозна фаза, така нашите европски партнери ќе разберат дека оваа Влада нема капацитет да продолжи понатаму. Но, најважно ќе разберат и сите наши граѓани, па очекувам огромен дел од поддржувачите на СДСМ да преминат на страната на ВМРО-ДПМНЕ. И обратно, ако Македонија се изолира, а за тоа ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ќе добие апсолутна поддршка да воведе ‘црвена диктатура’ во земјава, а на вмровците да ни се повтори ’48 година. Ќе ги злоупотребат сите механизми на власта, со цел да опстанат во Владата.

ДВ: Дали овие ставови ги делат сите во раководството на партијата?

– За секој личен став ќе морате да прашате секого поединечно. Јас можам да истакнам мој став. Од она што го имаме во оптек во јавноста, може да донесуваме само заклучоци на база на анализа на веќе искажани ставови. Едно е јасно, нема дилеми во ВМРО-ДПМНЕ во врска со европската агенда.

Mazedonien Zentrum von Skopje (DW/P. Stojanovski)

„Чест за секој граѓанин е да одлучи за својата и за иднината на своето семејство“, смета Богојевски

ДВ: Кој е најсилниот аргумент за изјаснување на овој референдум?

– Чест за секој граѓанин е да одлучи за својата и за иднината на своето семејство. Доволно сме заложници на стравот од решенија. Една генерација мора да се жртвува во име на добрата иднина за следните генерации. Еве ние сме ја имале таа ‘среќа’, токму на нашата генерација да ѝ припадне оваа историска одлука. Јас ги познавам моите вмровци. Тие се горди и храбри луѓе и некој не може да ги одврати од намерата сами да одлучат. Јас сум подготвен да гласам и да се соочам со одлуката на народот, каква и да е таа. Што и да ни донесе таа одлука во иднината, јас ќе живеам со истата и ќе останам во Македонија да ја споделам судбината со мојот народ. Се надевам дека нѐ чека светла и просперитетна иднина, зашто со искреност растат малите народи, а со лага и големите исчезнуваат.

ДВ: Се чини дека не е лесно да се истапува со јасно изразени ставови во време кога партијата сѐ уште не изградила став. Имате ли одредени непријатности поради тоа?

– Јас се обидувам да дадам предлог, а не само критика. Сакам да промовирам решенија, а не проблеми, да помогнам, а не да ѝ одмогнам на мојата татковина. Поради тоа за многумина сум различен од она на што бевме навикнати да го слушаме од нашите политичари последниве години. Луѓето тешко прифаќаат промени, без да се потсетат дека промените се природна појава. На Македонија ѝ требаат промени, кои ќе донесат достоинствен живот.

Само преку тој пристап ние ќе ја промениме оваа Влада. Има и една вистина, дека луѓето кои се дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ, се плашат дека преку процесите на факторизација на т.н. реформисти во партијата тие ќе ги изгубат своите позиции, или дека ние имаме омраза кон нив зашто тие до последен момент биле лојални на поранешниот претседател Груевски. Сакам да им порачам дека во ВМРО-ДПМНЕ има место за секого, не постои таква омраза кај нас за нашите браќа и сестри кои се уште имаат доверба во Груевски, и најмалку сакаме кој било да биде отстранет од која било позиција во партијата. Мораме обединети да одиме напред, сите заедно да се спротиставиме на актуелната Влада и да ја поразиме на следните парламентарни избори.

Како граѓанин имам обврска да се соочам со сите предизвици, а како државен службеник имам обврска да се борам за зацврстување на институционалниот капацитет на државата. Како партиски активист имам обврска да ги заштитам членовите на мојата партија од непријатности, а како човек да се грижам за своја и семејна просперитетна иднина. Точно дека сум цел на специјална војна и оркестрирани напади, вклучувајќи и закани по живот, но сето тоа е дел од ризикот кој сум го прифатил. Нема да отстапам ни милиметар од она што сум го зацртал, а тоа е европската иднина за нашата татковина.