Бугарски европратеник: Груевски со антибугарски акции собира изборни поени

0
1095

Лидерот на македонската владејачка партија се обидува со подгревање на антибугарскиот сентимент да ги освои претстојните избори во земјата, изјави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, коментирајќи ги тензиите меѓу двете земји кои настанаа по поставувањето и по кршењето на бугарската спомен-плоча на македонскиот врв Кајмакчалан, посветена на паднатите бугарски војници во Првата светска војна, пренесува Мета.

Според Ковачев, Груевски се обидува да ги користи антибугарските дела, кои стануваат сè почести како што се приближуваат изборите во декември, за да ја зголеми својата популарност.

– Сведоци сме на тенденцијата на Никола Груевски да ги користи провокациите против Бугарија за да се прикаже себеси како единствен бранител на македонскиот идентитет. Груевски ги користи овие провокации за да добие поголема поддршка на изборите. За жал, тоа не е ниту европски ниту, пак, им помага на македонските граѓани за побрз влез на нивната земја во ЕУ и во НАТО – вели Ковачев за бугарското радио „Фокус“.

Минатата недела бугарска делегација, без дозвола од македонските власти, постави плоча на врвот Кајмакчалан, кој претставува природна граница меѓу Македонија и Грција. Еден ден по поставувањето, новинарот Миленко Неделковски се искачи на врвот и со токмак го искрши споменикот. Ваквата постапка наиде на негодување кај бугарските власти, кои се заканија дека тоа ќе има несакани последици за Македонија.

Македонското Министерство за надворешни работи, пак, ја повика Бугарија да ги почитува меѓународните процедури за поставување спомен-обележја.

„Очекуваме од нашите пријатели од Република Бугарија да ги почитуваат меѓународно прифатените процедури за поставување спомен-обележја. Воедно, очекуваме институциите да ги обесхрабрат сите актери што нелегално поставуваат обележја на територија на друга држава, а кои потоа можат да бидат цел на акти на насилство или да предизвикаат негативни чувства кај граѓаните“, стои во реакцијата од МНР.

Бугарскиот портал „Новините“ наведува дека Бугарија ќе продолжи да ги помага македонските граѓани, но оти официјална Софија ќе остане на ставот дека Македонија не може да влезе во ЕУ доколку продолжи да користи „политики на искривување на историјата и да врши дискриминација на лицата со бугарски идентитет“