БРАВО: МОЖНО Е СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ОД МЕДИЦИНСКОТО УЧИЛИШТЕ ДА ПОМАГААТ ВО БОРБАТА СО КОВИД-19, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

0
678

Министерот за здравство Венко Филипче најави брзо стартување на монтажните Ковид-центри при денешната посета на Гостиварската болница „Д-р Ферид Мурат“. Според министерот Филипче, во тек е потпишувањето на договорите, а нивната монтажа ќе зависи од подготвеноста на локалните власти каде треба да бидат монтирани.

„Постапката во проектната единица на Светската банка заврши, сега се потпишуваат договорите и започнуваат подготвителните работи. Секаде каде што се подготвени локалните власти да се постават болниците по тој редослед тие и ќе се поставуваат. Тие Ковид-центри не се само објекти, туку тоа се објекти кои се целосно опремени со медицинска и немедицинска опрема за да може тука да се третираат ковид пациенти“, изјави министерот Филипче.

За најавата дека учениците од средните медицински училишта ќе се вклучат во борбата против ковид-19 и по рекцијата на тоа од страна на стручните лица тој рече: „Вчера стигнаа реакции и разговаравме уште неколку пати со дел од родителите на учениците и со директорката на Средното медицинско училиште. Една од опциите е овие ученици да се вклчат за да се поддржи работата во одделенијата каде што не се третираат ковид пациенти за да може оние, поискусните медицински сестри, да работат со ковид пациенти. Како и да е, во следните денови ќе се донесе дефинитивна одлука која нема да биде наметната и ќе биде во договор со сите чинители“ .

Што се однесува до капацитетите на болниците во државата, Филипче вели дека засега има поголем прилив на болни од колку оние што се испуштаат како излечени, но дека има уште слободни места. На скопските клиники моментално има околу 120 слободни кревети. Зборувајќи пред персоналот на болницата „Д-р Ферид Мурат“ тој им оддаде признание на сите медицински работници кои се справуваат со ковидкризата и рече дека сите тие, по направениот ребаланс на Буџетот, ќе добијат еднократна награда во следните месеци.

Во рамките на посетата на Гостиварската болница, на која беше придружуван од првиот заменик-премиер Артан Груби, во употреба го пушти новоопременото Хируршко одделение. Со оваа инвестиција која изнесува околу 15 милиони денари преку преправка и адаптација на некои од старите простории добиени се 36 легла со далеку подобри услови за пациентите.

Извор : СДК.МК