БРАВО ЗА УБАВИОТ ПОТЕГ – Комити продадоа 33.381 билети за околу 50 000 евра, парите се предадени на фудбалерите

0
715

Во изминатиот период Комитите спроведоа акција за продажба на виртуелни билети, собраната сума беше наменета за плати на фудбалерите и вработените во Вардар.

Акцијата е успешно завршена, продадени се 33.381 билети, собрани се 3.338.100 денари, од кои е платен ддв во износ од 509.202 денари, провизија за МК Тикетс од 255.620 денари, а останатите 2.612.270 се исплатени за фудбалерите на Вардар.

„Сакам прво да кажам дека стадионот е распродаден, тоа беше акција поддржана од народот, а спроведена од нас, доби широк замав затоа што целта беше искрена. Се продадоа точно 33.381 билети, и со тоа е срушен секој рекорд за продажба на било каков настан во Македонија. Тука со нас сега се и фудбалерите па сакаме да дадеме отчет. Акцијата беше повеќе од успешна, од продадените билети е остварен приход од 3.338.100 денари, од тој приход е платен данокот кон државата од 509/000 денари, провизијата кон МК Тикетс, од 255.000 денари и остатокот е поделен кај сите фудбалери и луѓето што се вклучени оперативно во функционирањето на клубот“, велат Комити.

„Фудбалскиот клуб Вардар ќе живее, иако можеби тоа некој не го посакува. Ќе живее затоа што го има народот позади себе, ги има навивачите, ги има овие играчи што гинат за овој дрес иако се десеткувани, иако шансите за било каков подвиг се сведени на минимум ние веруваме во нив. Во овој случај успех за Вардар ќе претставува опстанок во лигата, веруваме дека ќе го оствариме тоа“.

На Комитите им се заблагодари капитенот на Вардар, Дејан Блажевски.

„Благодарни им сме на Комитите за оваа акција со која ми овозможија мене и на моите соиграчи да земеме некои средства за да продолжиме понатаму. Знаеме во каква состојба е клубот, секоја чест за Комити, но сакам да упатам апел дека треба да се вклучат и други. Се надевам дека оваа состојба брзо ќе се среди. Сега немаме ни терен за тренинг“, вели Блажевски.

Тренерот на Вардар, Никола Илиевски Џиџи им се заблагодари и на своите фудбалери и изрази надеж дека ситуацијата брзо ќе се промени.

„Голема благодарност до Комитите и на сите оние кои на некој начин помогнаа со купување на билети. Но морам да се заблагодарам и на сите играчи и стручниот тим, без нив ќе беше уште потешко. Се надевам дека брзо ќе се надмине оваа состојба и очекувам да се обезбедат барем минимални услови за тренирање. Играчите на теренот даваат се од себе, играме против екипи со поквалитетни состави но покажуваме дека сме тврд орев и не можат лесно да не победат. Се надевам дека подобрите денови наскоро ќе дојдат“, вели Никола Илиевски Џиџи.