БРАВО ЗА ВЕНКО И ЦУЛИ, ТАКА СЕ ГРИЖИ ЗА ДЕЦАТА, НАДВОР ОД ФОТЕЛЈАТА : ДОКТОРИ ОД ДЕТСКА КЛИНИКА ВО СТРУЧЕН НАДЗОР ВО „СИСТИНА“ ПО ОБЈАВАТА ДЕКА КАЈ НИВНИ ПАЦИЕНТИ ДЕЦА ИМА ТЕШКИ ПОСТКОВИД КОМПЛИКАЦИИ

0
1329

Испратен е стручен надзор од Универзитетската клиника за детски болести во Одделот за педијатрија во приватната болница „Аџибадем Систина“ да разговараат и разменат искуства, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче, откако вчера детскиот кардиохирург од „Систина“ д-р Владимир Чадиковски на социјалните мрежи објави дека децата кои прележале коронавирус, имаат тешки постковид компликации. Тој кажа дека во приватната болница третирале 8 деца, кои имале компликации неколку недели откако добиле негативен тест на ковид-19.

Според последната статистика од Институтот за јавно здравје, во земјава досега се регистрирани 1.553 случаи на ковид-19 кај деца на возраст од 0-9 и 3.142 случаи во групата од 10-19 години. Вкупно досега во земјава се регистрирани 74.732 случаи на ковид-19.

Директорката на Клиниката, д-р Аспазија Софијанова рече дека треба да се проверат информациите од приватните институции дека децата кои прележале ковид-19 имаат тешка клиничка слика, а тие на Клиниката за детски болести немале такви клинички слики.

„Ја добивме таа информација. Баш во сабoтата заедно со уште една колешка кажавме дека имаме успешно излечено детенце кое беше на средина на циклус од лечење на леукемија и поради самата имунокомпромитичирачка состојба помина ковид-19, беше пратено дома и ќе продолжи лекувањето. Имавме уште две дечиња кои немаа така тешка клиничка слика како што беше напишано вчера. Тоа е објавено од приватни институции и тоа сметам дека ќе треба да се ревидира, да се испита реалната состојба. Цело време ги следиме светските студии, а  Универзитетската клиника за детски болести е последното ниво каде доаѓаат вистински така комплицирани случаи на постковид реакции кај децата. Она што ние го видовме не оди со таква клиничка слика како што беше објаснето и верувам дека сепак треба да се провери бидејќи паниката кај родителите е оправдана кога ќе прочитате таква информација, но реалноста ќе ја кажеме откако ќе направиме утврдување на фактичката состојба“, рече д-р Софијанова, по примопредавањето на донацијата од 35 илјади евра од „Макстил“ за реновирање и опремување на Одделот за предвремено родени бебиња.

Министерот Филипче кажа дека по вчерашната објава, инициран е стручен надзор, со тимот кој го води директорката на Педијатриската клиника Софијанова со членови експерти за со колегите од приватната болница „Систина“ да ги споделат сознанијата.

„Исклучително е важно да се знае дека вирусот е нешто непознато, манифестацијата на болеста е многу непредвидлива. Овие сознанија за децата се прилично нови кај нас, вчера консултиравме и стручна литература која ја има малку, но после надзорот ќе излеземе со информации“, кажа Филипче.

Извор : СДК.МК