Бојан Јовановски доби 9 години затвор, Катица Јанева 7 години

0
728

Судијката Васка Николовска-Масевска денеска ја донесе пресудата за случајот „Рекет“ – обвинетиот Бојан Јовановски доби 9 години, а Катица Јанева доби седум години затвор.

Во пресудата се вели дека Јовановски од ноември 2018 до април 2019 година го искористил своето влијание врз Катица Јанева, шефицата на Специјалното јавно обвинителство, и успеал да издејствува прекин на истрагата против Јордан Камчев во случајот „Империја“, да се укине мерката притвор и да му се врати патната исправа.

Во тоа помогнал и Зоран Милески – Кичеец.

Сите примиле 1,5 милион евра, од Ана Камчева 500.000 евра и од Јордан Камчев еден милион евра. Судијката спомена дека целиот случај требало да „тежи“ 8 милиони евра.

За примање награда за противзаконито влијание Јовановски доби 5 години, за перење пари 5 години, односно единствена казна затвор од 9 години.

Катица Јанева, според пресудата, за злоупотреба на службената положба и овластување доби казна затвор од 7 години.

На изрекувањето на пресудата не беше присутна второобвинетата Катица Јанева од здравствени причини.

Судењето за „Рекет“ почна на 3 декември минатата година. Овој предмет беше најавен како еден од најголемите случаи во македонското судство досега. По 36 одржани рочишта и неколку одложени, најчесто поради поплаките за лошото здравје на Боки 13, и 30 сослушани сведоци, денеска беше изречена првостепената пресуда.

Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, по соопштување на првостепените затворски казни, побара продолжување на мерките притвор за двајцата.

„Со оглед на тоа дека сега осудената доби висока казна, но и дека за неа се води предистражна постапка за друго дело, барам на Јанева да ѝ биде укинат куќниот притвор и да биде вратена во затворот во Шутка”, рече Русковска.

Претходно судијката Николовска-Масевска, при изрекување на пресудата во случајот „Рекет“ кажа дека на Бојан Јовановски-Боки 13 му се конфискува облеката од скапи брендови во 70 вреќи што му ја одзеде обвинителката за организиран криминал Вилма Русковска во истрагата, како и уметничките слики од Личеновски, Мартиновски, Коџоман и други, мебелот и сè што му е стекнато со пуштањето во оптек на парите од земениот рекет. Исто така, ќе му се конфискуваат и 12.000 евра што биле најдени кај него, како невработено лице со блокирани трансакциски сметки.

Извор : МКД