БОРКА И ВЛАДАТА: 2019 е година на воведување на современа имунолошка терапија за малигните хематолошки заболувања

0
1327

Важноста од подигнување на свеста за акутна леукемија, лимфом и миелом е од исклучително значење за брза детекција на овие болести. Бројот на новозаболени расте во цел свет, па и во Северна Македонија и поради тоа неопходно е да се говори на оваа тема и да се информира населението. Оваа 2019та година е година на воведување на современа имунолошка терапија за малигните хематолошки заболувања. Ова се главните пораки од денешната прес-конференција на  Здружението “БОРКА- за секој нов ден”, членка на Lymohoma Coalition и  Myeloma Patients Europe.

”Овој септември е 13ти по ред, како што се обидуваме да говориме на оваа тема. За жал карциномите не можеме да ги спречиме, но модерната медицина веќе сериозно е решена да им застане на патот на овие заболувања. Ние веруваме дека ако навреме се дијагностицира, може и да се излекува некои од хематолошките карциноми.  Без заедничка соработка меѓу здруженијата на пациентите, медиумите, институциите и здравствените работници нема да имаме успех. Само зголемената свесност и точните информации може да не поттикнат сите, да ги препознаеме првите предупредувачки знаци и да направиме ран преглед. Должни сме да ги охрабриме  пациентите и нивните семејства, активно да учествуваат во одлуките за нивниот третман, да бидат информирани за својата болест, но истовремено да им пружиме психосоцијална поддршка”, изјави претседателката на НВО Борка, Биба Додева.

Како Здружение ги поздрави напорите на министерството за здравство и релевантните здравствени институции за соработка со невладиниот сектор, кои се подготвени да излезат од комфорна зона, и да ги слушаат потребите на пациентите.

Од Министерството за здравство изјавија дека за првпат во историјата на македонското здравство се обезбедени современи и најдобри медицински третмани со биолошки лекови, современа терапија со што се овозможува квалитетен живот и реинтеграција на болните од рак и евентуално излекување.

”Воведуваме иновативната биолошка, моноклонална и таргет  терапија за сите пациенти за кои имаат потреба од лекување со ваков тип на терапија, а на кои досегашната хемотерапија немала позитивно дејство. Станува збор за 30 нови биолошки лекови кои се исклучително скапи, а Министерството за здравство успеа да ги обезбеди за најголемиот број на пациенти кои се со хемато – онколоши малигнитети, но и пациентите со солидните тумори. Оваа 2019та година е година на воведување на современа имунолошка терапија за малигните хематолошки заболувања. Успеавме да направиме концепт кој функционира следејќи ги современите практики, со заштеда на средствата од лекувањето на странство, се создадоа услови за креирање на современи услови за третирање на истите болести во Северна Македонија. На овој начин успеавме да донесеме современи лекови, пациентите да бидат дома додека се на терапија, а притоа да има одлични резултати во нивното лечење. Досега оваа терапија беше достапна само за органичен број на пациенти или пак набавувана со прекини, отсега ќе биде достапна за сите пациенти на кои им е неопходна. Клиниките за онкологија, за хематологија, за ревматологија, за неврологија и други болници ќе бидат во можност непречено да набавуваат современа терапија за голем број малигни, автоимуни и инфламаторни заболувања ”, изјави Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче.

Како што најавија од Министерството за здравство во фаза е централизација на сите онколошки оддели под Клиниката за онкологија во Скопје, со цел да се обезбеди максимална поддршка на пациентите и во другите градови.

Колку е важно да се работи на подигнување на свесноста посочија од Клиниката за хематологија во Скопје. Според нив, Подигнувањето на свеста им помага на милиони пациенти заболени од хематолошки малигни заболувања.

„Им порачуваме на нашите пациенти дека за нас лекарите на оваа клиника,  примарно е да обезбедиме современ и најдобар медицински третман, почнувајќи од дијагностицирање на малигни хематолошки заболувања, па до лекување со современа терапија и овозможување на квалитетен живот и реинтеграција на болните во општеството. Ја поздравувам иницијативата што нашата земја денес се приклучува кон глобалните активности за подигање на свесноста за малигните хематолошки болести и благодарам за подршката што им ја пружаме со денешната средба на нашите пациенти. И покрај сето залагање, во глобани рамки расте бројот на заболени од хематолошки малигнитети. За жал, и нашата земја го следи овој тренд на зголемување на инциденцата на овие болести. Во иднина, се повеќе луѓе од нашата средина ќе бидат засегнати. Поради тоа, значајно е да се запознаеме со нив и со можностите за третман. Не постојат специфични превентивни скрининг прегледи за малигните хематолошки болести, но има предупредувачки симптоми и знаци кои сите треба да ги препознаеме, бидејки раната дијагностика значително влијае на исходот од болеста. Исто така, охрабувачки е фактот дека во споредба со 60-тите години на минатиот век, денес процентот на пациенти кои се живи 5 години по дијагностицирањето, со развојот и примената на новите иновативни терапии е  зголемен за 4 пати. 63 отсто од пацентите со акутна леукемија се живи по 5 години од дијагностицирањето, а 70 отсто од оние со Не-Хоџкин-ов лимфом и скоро 86 отсто од пациентите со Хочкинов лимфом. Сакам да потсетам дека се уште трае кампањата „Биди срцевина, биди херој“, што е акција за запишување во дарителскиот регистар на доброволни дарители на матични крвотворни клетки“, изјави Ирина Пановска Ставридис, директорка на Клиниката за Хематологија во Скопје.

На глобално ниво, месец септември е посветен за подигнување на свеста за малигните болести на крвта. Во исто време се испраќа порака да се поддржат истражувањата за изнаоѓање на ефикасни терапии кои би им помогнале на пациентите со неопходниот третман. Посебен фокус е грижата за подолг и поквалитетен живот на децата со малигни заболувања на крвта.