Борисов: Со чекани ли се помага интеграцијата на Македонија?

0
960

Македонија да преземе мерки против подбивањето со бугарските споменици на нејзина територија. Ова го побарал бугарскиот премиер Бојко Борисов од техничкиот премиер на Македонија, Емил Димитриев, на маргините на самитот во Виена „Мигратската рута на Балканот“, каде викендов двајцата учествуваа во разговорите за справување со мигрантскиот бран кон Европа, јавува Дојче Веле повикујќи се на бугарските медиуми.

Повод за ваквата реакција на Борисов е кршењето на споменикот на загинатите бугарски војници на врвот Кајмакчалан, извршено од страна на македонскиот новинар Миленко Неделковски.

Димитриев, за македонските медиуми ги пренесе заклучоците од самитот, како и пораките од европските колеги со кои раговарал на маргините на средбата – дека треба да се одржат избори во декември за да се реши политичката криза. Но за пораките што ги добил од бугарскиот колега, македонската јавност се информираше од бугарските медиуми.

– Ако не преземат мерки и кршат со чекани бугарски споменици, ќе имаат многу непријатни средби потоа. Ова ја помага ли нашата соработка? Ја помага ли интеграцијата на Македонија во ЕУ? Утре ќе треба да гласаме за нив – изјавил бугарскиот премиер по разговорот со Емил Димитриев.
Како што пренесува бугарскиот весник „24 часа“, Борисов се заканил и дека Македонија повеќе нема да добие помош од Бугарија, ако не се преземат мерки против вандалскиот чин.

– Тогаш кога најмногу очекуваат помош, нема да ја добијат. Испративме и пожарникари, и вода, и храна – и сите Македонци беа задоволни дека Бугарија им помогна (по поплавите од 6-ти август – н.з). Во средата Министерскиот совет изгласа 300.000 лева помош за Македонија. И после се, тоа ли го заслужи Бугаринот? Ние се однесувавме братски кон нив, а излезе да се кршат плочи – изјавил Борисов.