Борисов: Сакаме стабилна Македонија

0
1298

Бугарскиот премиер Бојко Борисов со германската канцеларка Ангела Меркел разговарал за Македонија. Од неа побарал поддршка за соседната земја, вели Борисов во интервју за Дојче веле.

Премиерот на Бугарија Бојко Борисов со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин го разгледуваше планот за бугарското претседателство со ЕУ од 1 јануари 2018 година, но станало збор и за други теми, како ситуацијата во Македонија. Во интервју за бугарската редакција на Дојче веле, Борисов вели:

„Стана збор за Македонија. Видовте дека кога се случија инцидентите во парламентот, без никој да ги натера и и покрај тоа што јас тогаш бев во опозиција, не бев никој, среде ноќ ми се обратија тројцата – и Зоран Заев, и Никола Груевски и претседателот Ѓорге Иванов. Затоа што се убедиле дека не само што сум добар човек, туку и многу сакам Македонија да е стабилна како држава, нашиот сосед да е стабилен. Зашто, за нас би било премногу – од едната страна е Крим, од другата Турција во воена состојба, Грција се тресе секојдневно, во Македонија видовме што се случи. Затоа ја убедив и канцеларката Меркел и останатите дека треба да им се помага. За нас се важни, треба да ѝ дадеме шанса на новата влада и, се разбира, да продолжиме да разговараме и со Груевски, кој е од семејството на европските народни партии. Тоа значи дека и Македонија треба малку да мине по нашиот пат. Знаете колку бевме наострени (во Бугарија, н.з.), но тоа никогаш не ни донесе резултат. Силата произлегува од обединувањето. Консензусот е силата на нацијата.“

Бугарскиот премиер во интервјуто нагласува дека Македонија и Балканот треба да почувствуваат перспектива за членство во ЕУ.

И германската канцеларка Меркел вчера во Берлин, по средбата со Борисов, рече дека Бугарија има голем интерес за стабилност во регионот на Западен Балкан. „Разговаравме за т.н. Берлински процес, во рамките на кој на наредната средба во Трст, Италија, повторно ќе разговараме со претставници на Западниот Балкан. Треба пред сѐ јасно да се истакне визијата на надеж за овие земји, треба постојано да се поддржува нивната перспектива за приклучување во ЕУ и тоа да се потенцира. Зашто, има низа други геополитички актери, кои се разбира се исто така заинтересирани за изградба на добри односи. Сакаме јасно да ставиме до знаење дека за нас перспективата за приклучување на земјите од Западен Балкан останува непроменета и дека на тоа работиме“, рече Меркел во Берлин.