Борисов: Задоволни сме од она што Стево Пендаровски го кажа за Гоце Делчев

0
1104

Задоволни сме што вистината за нашата заедничка историја, вклучувајќи ја и за Гоце Делчев, почнува да се кажува јавно од политичари на највисоко ниво во Македонија, каков што е случајот со претседателот Стево Пендаровски, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов, пренесе бугарската новинска агенција „БГНЕС“.

„Земјите од Западен Балкан мора да вложат максимални напори за развој на добрососедски односи со своите соседи од Европската Унија. Несомнено, еден од најдобрите примери за тоа е потпишувањето на договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“, изјави Борисов по состанокот со македонскиот колега Зоран Заев, во рамките на Самитот на  Берлинскиот процес. Двајцата премиери разговараа за достигнувањата и предизвиците во билатералните односи со Бугарија.

За време на разговорот, Бојко Борисов и Зоран Заев истакнаа дека потпишувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка дал позитивен поттик во партнерството меѓу двете земји.

„Потпишувањето на договорот е нашиот најголем успех. Без вашето лидерство ова немаше да биде можно“, рече македонскиот премиер Зоран Заев и го покани Борисов заедно да ја прослават втората годишнина од потпишувањето на договорот за пријателство меѓу двете земји на 1 август и заедно да се поклонат пред споменикот на Гоце Делчев.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов истакна дека во рамките на Самитот на шефовите на држави и влади на земјите учеснички во ПСЈИЕ во Сараево следната недела, ќе има разговор и со македонскиот претседател Стево Пендаровски.

„На ниво на премиери и министри за надворешни работи си имаме доверба, но сега треба да работиме за доверба помеѓу администрациите и комисиите, за да постигнеме реален резултат. Потребна е нова динамика во работата на Комисијата, што ќе доведе до брзи резултати до крајот на 2019 година, на теми како Илинденското востание, Гоце Делчев и други“, истакна премиерот Бојко Борисов.

Бугарија и Македонија се очекува да ја одбележат 1005-годишнината од смртта на цар Самуил на највисоко ниво во октомври. Во текот на разговорот двајцата премиери изразија мислење дека тоа ќе претставува доказ за ефикасно извршување на преземените обврски преку Протоколот од 10 јуни, потпишан за време на првата седница на Меѓувладината комисија, пренесе „БГНЕС“.