БОМБА НА ФОКУС : ,,БУЛДОЖЕРОТ” ОДИ КОН БИХАЌКА – ЗАЕВ ГО ФОРСИРА ФИЛИПЧЕ, КОВАЧЕВСКИ НЕ ГО ЖРТВУВА ЗЕЧЕВИЌ!

0
1059

Лобирањето за блиски компании и функционери биле дел од причините за заладувањето на односите меѓу Зоран Заев и Димитар Ковачевски, но Заев најмногу му замерил на Ковачевски што дозволил Миле Зечевиќ да лобира за нов директор на АНБ, а Али Ахмети да истурка свој обвинител за организиран криминал, пишува „Фокус“. Поранешниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев смета дека згрешил во врска со Димитар Ковачевски, кому му даде отворена поддршка откако одлучи да се повлече од политиката по поразот на локалните избори, пишува последниот број на неделникот „Фокус“. Сепак, во ситуација кога Ковачевски е избран на Конгрес со непосредно гласање, делувањето против него би водело кон отворен внатрепартиски конфликт, па затоа, според Заев, привремено решение за надминување на разликите би било разрешувањето на генералниот секретар Миле Зечевиќ.

Притоа, Заев да нов партиски генсек го нуди поранешниот партиски потпретседал и министер за здравство Венко Филипче, кој пак неодамна во изјава за „Фокус“ не исклучи политички камбек, велејќи дека „сѐ уште се чувствува млад“. Сепак, Ковачевски одбива да го жртвува Зечевиќ, кој му стана трн во око на Заев поради тоа што лобирал нов директор на АНБ да стане Заре Милошевски.

Тој е брат на Томе Милошевски, поранешен помошник-министер на одделот за обезбедување ВИП личности и објекти, кој во минатиот период испорачуваше низа критики до Заев, додека истовремено го фалеше Бранко Црвенковски. Иако новиот директор на АНБ добил позитивна препорака од САД, сепак, Заев сметал дека Зечевиќ одработил во негова корист и за тоа му забележал на Ковачевски. Како што објави „Фокус“,  и лобирањето за блиски компании и функционери биле дел од причините за заладувањето на односите меѓу Заев и Ковачевски. Заев лобирал за одредени компании што соработувале или требало да соработуваат со институции, но, пред сѐ, со една државна фирма.

Покрај тоа, тој често ургирал за одредени именувања на функционери, но и реагирал кога некој негов близок ќе биде разрешен, како што се случи периодов со една директорка на инспекторат. Ако тоа донекаде било толерирано, капката што ја прелила чашата бил изборот на Ислам Абази за нов обвинител за гонење организирал криминал. Неофицијално, Заев реагирал зошто СДСМ така лефтерно дозволил Али Ахмети да го истурка Абази за наследник на Вилма Русковска, наместо поцврсто да застане зад Ермон Незири, за кого очигледно се навивало во Струмица. Висок партиски функционер вели дека Ковачевски првично реагирал смирено, порачувајќи дека ако нема простор за работа, сам ќе си замине како што дошол. Арно ама, подоцна зазел малку поинаков курс. Дека нема намера да се повлече произлегува и од неговиот тон во новогодишното интервју за „Фокус“, каде што тој изјави: „Ако го земете предвид резултатот во изминатите 10 месеци, резултатите што ве уверувам дека ќе ги постигнеме во следната година, на изборите во 2024 година, СДСМ ќе ја предводи идната европска влада на Северна Македонија“.