БОМБА НА ПРИЗМА: ГРУЈО ГИ ПОЧАСТИЛ ЅИНГО И СТОЈМЕНОВ 25 МИЛИОНИ ЕВРА НАРОДНИ ПАРИ ЗА ДА ГО ФАЛАТ 10 ГОДИНИ!

0
1587

Дури 95 проценти од грандиозната сума завршила само во Сител, Канал 5 и во Алфа ТВ | Илустрација: БИРН

Повеќе од 26 милиони евра дала поранешната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ на националните телевизии во периодот од 2010 до 2017, покажуваат податоците што БИРН ги извади од базата „Отворени финансии“, која е активна од минатата недела.

Во новата база на Министерството за финансии може да се најдат буквално сите исплати што ги направиле владата, министерствата и другите институции кон фирми или приватни лица во последниве речиси девет години.

Со точната бројка од 26,6 милиони евра се заокружува приказната за агресивната пропаганда на поранешната власт предводена од Никола Груевски. Конечно сега знаеме колку чинела десетгодишната симбиоза меѓу тогашните властодршци и сопствениците на најголемите телевизии. Преку нивната непринципиелна соработка од една страна агресивно се промовираа владините проекти, а од друга страна жолчно и често со лаги и со манипулации се напаѓаа опозицијата и сите инакумислечки луѓе и организации.

Сител шампион, среброто и бронзата за Канал 5 и ТВ Алфа

Доминантен дел од тие 26,6 милиони евра, преку деведесет отсто, владата ги дала директно од својот буџет, од ставката „други трансфери“, а министерствата и владините секретаријати придонеле со само неколку ситни проценти.

Исто така, огромен дел, дури 95 проценти од грандиозната сума завршила на контата на само три национални телевизии – Сител, Канал 5 и Алфа ТВ. Телевизија Сител е апсолутен рекордер, со тоа што ѝ биле исплатени 10,2 милиони евра во тој седумгодишен период, a семејната телевизија на Љубисав Иванов – Ѕинго, во 2015 добила најмногу – 1,8 милиони евра.

Канал 5 е на второто место со 8,5 милиони, додека Алфа ТВ е на третото со 6,3 милиони евра за седум години. Приходите на Алфа ТВ од владата нагло пораснале во 2013, годината откако телевизијата ја презема српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ. Ако овој медиум во 2012 добил 275.000 евра, по промената на сопствеништвото тој добил дури 1,5 милион евра или петпати повеќе. Растот на приходите одеше паралелно со драстичниот„шифт“на уредувачката политика и хокеарската промена на новинарскиот тим.

Трите телевизии со години беа ударната пропагандна тупаница на владата што ја предводеше Никола Груевски. Нивната поданичка улога јасно се проектираше во вестите што ги продуцираат, меѓутоа „бомбите“ дополнително го разобличија политичко-медиумскиот брак. На пример, во објавените разговори можеше да се слушне како поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков ја „уредува“ програмата на Сител и на Канал 5 во разговори со уредникот Драган Павловиќ – Латас и со сопственикот Емил Стојменов.

Далеку помалку пари од првата тројка за истиот седумгодишен период добиле останатите две национални телевизии Телма и Алсат, околу 859.000 и околу 545.000 евра.

На почетокот на мандатот, владата на СДСМ објави дека власта на ВМРО-ДПМНЕ потрошила 38 милиони евра за кампањи и за пропаганда во електронските и во печатените медиуми, меѓутоа на таа прес-конференција не беа објавени сумите што секој медиум поединечно ги добил – на купче беа ставени парите потрошени и за изработка и за емитување на рекламите.

На истата прес-конференција, владиниот портпарол објави дека од тие 38 пропагандни милиони евра, дури 23 биле потрошени за „закуп на време за реклами во електронските медиуми“. Со оглед дека во добар дел се поклопуваат податоците што ги извадивме од новата база и податоците што ги објави владиниот портпарол, може да се претпостави дека најголем дел од овие 26 милиони евра се платени за емитување на владините реклами.

Се преговарало во Пржино и се делеле милиони

Владиното трошење по текот на годините речиси константно растело од 2010 до 2015, кога и го доживува максимумот. Токму во пржинската година, кога беше договорен мораториумот за владини реклами, кабинетот на Груевски потрошил 5,6 милиони евра. Наредната 2016, оваа сума паѓа на 2,9 и таа најверојатно се однесува на договори склучени пред Пржинскиот договор. Веќе во 2017 сумата е симболична, некои 195.000 евра, и тие ги исплатило Министерството за информатичко општество и администрација за играна и документарна програма договорена пред смената на власта.

Во 2018 и во 2019, кога со власта управува СДСМ и коалицијата, владата и министерствата немаат трансфери кон националните медиуми. Во новата база „Отворени финансии“, за овие две години има исплати од Државната изборна комисија кон медиумите за рекламирање на политичките партии, додека конкретно за 2018 можат да се видат плаќањата што Собранието ги направило за референдумската пропаганда, кои, пак, БИРН ги откри уште на почетокот од годинава.

Актуелната владејачка гарнитура, пак, на почетокот од годинава, со 692.000 евра поддржа 11 печатени медиуми и најверојатно и наредната 2020 ќе има ваква помош за весниците. Во меѓувреме, локалните и регионалните телевизии и радија побараа да се формира Фонд за медиуми, кој ќе го помага нивното работење.

Владата не ја отфрли идејата, додека Здружението на новинарите беше експлицитно против оваа иницијатива.