БОМБА НА КАТИЦА ЈАНЕВА: Ако не ми ги дадат „Телеком“, „Верушевски“, сама ќе ги преземам-чекајте и први обвиненија!

0
1161

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во извештајот до Собранието и до Советот на обвинители бара да и бидат доставени предметите кои ги побара во работа, како што се двете постапки за Маѓар Телеком, против екс директорите и предметот отворен по сведочењето на Слободан Богоевски, како и предметите „Поткуп“ за Зоран Заев и предметите против Зоран и Александар Верушевски, а доколку не ги добие, ќе покрене постапки врз основа на прислушкуваните разговори, пишува Сведок.

-Доколку продолжи праксата на недоставување на предмети на мое барање, јас ќе бидам приморана да воспоставам надлежност врз предметите врз основа на прислушкуваните материјали и да се легитимирам во постапките по таквите предмети, а се со цел исполнување на моите законски обврски- наведува Јанева во извештајот.

Предметното постапување на ова Јавно обвинителство, наведува Јанева во извештајот, говори дека во извештајниот период започнати се многу предистражни постапки, од кои дел се во поодмината фаза, а дел поминаа и во фаза на истрага. Воедно за краток временски период преземени се голем број процесни и административни дејствија. Анализата на работата на ова Јавно обвинителство во извештајниот период јасно покажува дека во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија.

Иако во извештајниот период ова Јавно обвинителство наиде на проблеми во остварување на соработка со правосудните и други институции, изразувам уверување дека во периодот што следи ова соработка ќе биде унапредена и сите тела државни органи и институции надлежни за спроведување на закони ќе обезбедат помош по барање на ова Јавно обвинителство согласно со Законот за кривична постапка.

Во следниот шестмесечен период вофокусот на работата ќе бидат отворените предистражни постапки, отворените истраги, како и преслушувањето на материјалите, при што ќе бидат издвоени приватните разговори, а акцент ќе биде ставен на детектирање на можни криминални активности,имајќи ги предвид законските одредби и јавниот интерес на Република Македонија.

На крајот сакам да укажам дека доставувањето на овој извештај е многу повеќе од исполнување на законска обврска и извор на податоци врз основа на кои може да се цени законитото и професионално работење на ова Јавно обвинителство. Овој извештај наметнува стандард на сите институции од правосудството за јавно и транспарентно поднесување на извештаи за работењето, се со цел целокупната стручна и поширока јавност да има увид во начинот на постапување, со што ќе се влијае на зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем.

Нашата мисија е истражување и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со цел спроведување на правдата преку принципот на владеење на правото. Ова Јавно обвинителство секогаш ќе се раководи од принципот на еднаквост на граѓаните, стремејќи се да ја зголеми довербата на граѓаните во правосудниот систем преку транспарентно и независно постапување, за што гарант е автономноста на ова Јавно обвинителство.