Богоев по тепачката за ДУП-от во Трнодол: Инцидентот е политички креиран!

0
947

По тепачката во преполната сала на месната зедница во Козле, додека се презентираше ДУП-от за Трнодол, градоначалникот Стефан Богоев реагира дека инцидентот e политички креиран. Тој вели дека сигурно има совесни граѓани кои се и ЗА и ПРОТИВ, но кои се злоупотребени за политички цели.

-Лажните информации кои беа пласирани изминатите денови предизвикаа инцидент за работи за кои веќе е постигната согласност и Општината и граѓаните се на иста страна. Се измислуваат работи кои воопшто не постојат во Предлог ДУП-от. Група на граѓани, уште на самиот почеток свесно и со намера сакаа да предизвикаат инцидент. Беше повреден вработен од општината, му го скршија мобилниот телефон, а скршена е и врата, вели градоначалникот Богоев.

Тој вели дека ДУП-от се однесува само на населеното место Трнодол.

-Имено, не се предвидува ниту нова населба, ниту пак Предлог ДУП – от се однесува за населеното место Жданец. Исто така, со новиот Генерален урбанистички план целосно ќе биде избришана и јужната обиколница која треба да минува низ Водно, а често пати се споменуваше и во постапката на донесување на ДУП-от за Трнодол.

Тој додава дека општина Карпош целиот процес го води транспарентно.

-Токму затоа, го продолжи временскиот рок на спроведување на Јавната анкета која ќе трае 11 дена, и покрај тоа што законскиот минимум е пет дена. Во интерес на граѓаните, локалната самоуправа наместо до 15:30, го стави на увид новиот предлог ДУП, секој работен ден од 08:00 до 18:00 часот, каде карпошани преку пополнување на анкетни листови можат да ги дадат и своите сугестии.

Очигледна е намера на одредена група граѓани, од политички или други побуди да прави кризни ситуации во Трнодол. Локалната самоуправа ќе продолжи со отворениот пристап. Никој нема да го сопре развојот на Карпош!, вели градоначалникот.