БОГОЕВСКИ : КРВАВИОТ ЧЕТВРТОК НИ ПОДАРИ ,,ЌОСЕВСКИ” МЕНТАЛИТЕТ

0
884
За прв пат по 2017 година, јубилејот на Крвавиот четврток не е прва вест на time.mk. И тоа е добро. Тие фотографии и сведоштва, кога се повторуваат премногу често, можат да водат до банализирање на целата работа. Од друга страна, нам како нација ни е потребно да ја надминеме таа траума за да можеме да ги научиме лекциите и да продолжиме да чекориме напред.

Но, дали ги научивме лекциите од 27ми април?

Денес во устите на ВМРО и во свеста на голем број сограѓани, партиски инструираните насилници кои влегоа во законодавниот дом да спречат мирен трансфер на власта и да убијат пратеници – веќе не се криминалци, насилници или терористи, туку уставобранители.

Го бранеа Уставот од федерализација која не се случи и од напад врз суверенитетот кој никогаш не дојде. Го бранеа со крвта на тие, кои тој Устав ги овластил да ги застапуваат интересите на народот на кој се повикуваа.

Но, заборавивме што всушност беше причината за тој проклет ден. Причината не беше Тиранската платформа. Тоа беше само изговор зад кој беше сокриен внимателно негуваниот менталитет кај добар дел од народот дека крвопролевањето, заканите и стравот се легитимни средства за остварување на политичките цели. Дури и повеќе од тоа, дека политичкиот лидер е пастирот кој треба да каже кога е времето за нож, а кога за дијалог; кој е патриот, а кој предавник; и како единствено може и смее да се сака Македонија.

Тоа е тој ‘ќосевски’ менталитет кој на Македонија и’ го подари Крвавиот четврток. Менталитетот на прво нож, па потоа дијалог. Менталитетот на патриоти и предавници, на Македонци и Немакедонци.

Тој менталитет Е груевизмот. А груевизмот е се’ уште тука, иако пастирот груевски го нема. Ене го, храбро побегнат во Будимпешта, откако ги испокраде и остави да чмаат по затвори своите најверни поддржувачи, кои и ден денес жедно чекаат и молат да се врати.

Во меѓувреме, неговиот пулен кој владее со Скопје уште похрабро чекори назад. Данела заборави дека имаше многу добра причина зошто споменикот на Ќосето беше тргнат од пред судовите, а на негово место беше поставено дрво на човековите права. Заборави дека ножот не смее да биде с’ржта на делењето правда, туку дека правата и слободите се вредностите околу кои треба да биде изграден целиот систем. И очигледно заборави што се случува кога на една нација упорно и’ сервираш убијци и крвожедници како херои.

Но, ние не смееме и нема да заборавиме. Бидејќи тоа што го забораваме, сме осудени да го повториме.

27ми април – никогаш повторно!!!
Фејсбук статус на екс пратеникот Павле Богоевски.