Биљали: Премиерот Албанец е најголемата измама што им се случила на Албанците последните 50 години

0
1475

А што видовме во кампањата? Па сешто од непотребното и скоро ништо од потребното. Фалење, празни фрази и слогани, оцрнување на другите, навреди и бомби кои праќаат порака дека има и бетер од нас, вели во својата денешна колумна Мерсел Биљали, објавена на порталот denesmagazin , со наслов ,,Контрола на умот и неконтрола на безумието!“.

Ви пренесуваме дел од колумната на Биљали:

,, ДУИ од немањето ништо, мораше да го понуди „премиерот Албанец“ (не знам зошто двете други две партии не ги нарекуваа нивните кандидати како „премиерот Македонец“, за да биде глупо до крај). Ако не можеше да биде нормално, барем да беше смешно и забавно. Премиерот Албанец требаше да собере незаслужени гласови од лаичката маса, кои априори етничкото го третира за квалитет.

Тоа е најголема колективна измама што им се има случено на Албанците последните 50 години. Не знаеја дека контролата на умот често доведува до неконтрола на безумието. Заев и Мицкоски, солидно со нивните изјави го потпомогнаа тоа.

Поинаку, кога интегративците би понудиле нешто економско и развојно, многу луѓе би умреле од смеење. Сите знаат, од Брисел до Вашингтон, па и самите гласачи на тој субјект, дека полесно може да ве погоди некој метеор или астероид, отколку да видите економска понуда од ДУИ. А уште помалку реализација. Можете да најдете развојни идеи и кај aмазонските племиња Kajaпо, или кај познатото племе Мура, ама кај интегративците ептен тешко. Тие изборите ги третираат како фрлање коска за секого со цел да не лае, ама и да мавта со опашката.

Полнеле колку што можеле во околу 70 избирачки места, купувале, изнудиле и пак ваков ризичен резултат. Процентот на излезност кај Албанците е околу 33 отсто, а во Зајас и во многу други избирачки места на ИЕ-1 и 6 е над 80 отсто. А сите знаат дека во Зајас нема повеќе од 25 отсто гласачи присутни после 20 години бела чума! Во држава каде се почнуваат преговори за членство во ЕУ ова да се дозволи, во најмала рака е политичко самоубиство.

Сите знаат дека постојниот партиски криминал е главен кочничар на реформите во судството и другите институции. Партиските изјави за ветингот обично произведуваат или сочни пцовки или црн хумор. Дејствувањето на тие структури се дел од метастазата за која странците залудно мислеа дека само по себе ќе исчезне. Напротив, таа опфати и други витални органи на општеството, па стасавме до степен на „најгрдо општесто за сите“.

Властите се менуваат, а подземните патрони остануваат исти, ама секоја година побогати. И секако сѐ повеќе стануваат надземни. Администрцијата, секоја чест на исклучоците, продолжува да биде полнета со неписмени и полуписмени. Судството се води од луѓе за кои малце да копате по нивното минато ќе можете да се заслепите од блескавиот криминал од нивните претходни функции. Со години и децении во фиоки им беа чувани кривичните пријави, а потоа сменија мислење и сметаа дека сепак токму тие можат да се грижаат за правдата. Исто како што лисицата може да се грижи за правата на кокошките.

Со години и децении изборите кај албанскиот дел стана чиста фарса. Во суштина тоа е само психолошка војна меѓу чесни и нечесни. Меѓу маса обични граѓани и грст криминалци. Меѓу младите кои бараат нешто ново и неписмените локални и централни функционери на партијата на власт кои со сите сили го чуваат старото. Меѓу надежта за подобра иднина и заробениците на истата“-пишува Мерсел Биљали во својата последна колумна за denesmagazin.mk.