БИТИЌИ : ИМАМЕ СИСТЕМ ЗА РАЗВОЈ И ПОДДРШКА НА СТАРТ АП ЗАЕДНИЦАТА

0
453

Заменикот на претсетседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, преку видео порака се обрати на панел дискусијата на Бизнис Акселераторот УКИМ, „Постојана поддршка на иновациите во свет на промени“.

На настанот на кој се дискутираше за постигнувањата на Акцелераторот УКИМ во изминатите четири години и се презентираа најновите инвестиции, вицепремиерот изрази задоволство за фактот што Владата има креирано простор и систем кој овозможува развој и поддршка за раст на старт ап заедницата.

„За младите бизниси инкубаторите и акселераторите се исклучително важни и мислам дека досега имаме многу направено, но истовремено сум свесен дека за вас тоа не е доволно и дека треба уште. Бидејќи вие сте моторот на новото време, турбините на современите економии. Затоа веќе со години трпеливо го градиме еко системот кој ќе ви овозможи шанса. А за мене таа е најважна“, рече Битиќи.

Вицепремиерот додаде дека силно верува во поттикнување на стартапите и новите иновативни компании, и порача тие ќе не воведат во четвртата индустријализација.