МЕРАБА АШКОЛСУН – ГЕРМАНСКИ НАУЧНИЦИ И БИЗНИСМЕНИ СО ПОТЕКЛО ОД ТУРСКИ ЕМИГРАНТИ ЈА РАЗВИЈА ПРВАТА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД-19

0
881

„Бионтек“ и „Фајзер“ се на чекор до добивање дозвола за производство и користење на прва ефикасна вакцина против Ковид-19. На чело на „Бионтек“ е брачна двојка од Германија со турски корени: Угур Сахин и Озлем Туречи.

„Lightspeed”, брзина на светлоста е наречен проектот кој на средината на јануари го започна германската фирма „Бионтек” (BioNTech). Сржта на проектот е развој на вакцина против коронавирус во рекорден рок. И оттогаш проектот навистина напредува со брзина на светлоста. Развој на некоја вакцина по правило трае осум до десет години, но истражувачите од Мајнц би можеле да добијат одобрение во САД за својата вакцина за нешто повеќе од една година.

На средината на ноември е предвиден одлучувачкиот чекор, кога „Бионтек” и неговиот партнер, американскиот фармацевтски концерн „Фајзер” (Pfizer), планираат да поднесат барање за итна дозвола во САД. Моментно достапните податоци укажуваат на 90-процентна заштита против Ковид-19, објавија „Бионтек” и „Фајзер” во понеделникот (09.11.2020). Ако добијат дозвола, би биле први во трката по вакцина на Запад.

И Европската агенција за регулација на фармацевтски производи, ЕМА, веќе на почетокот на октомври најави покренување постапка за одобрение на вакцината. Таа моментно уште е во фаза на испитување во студија во која учествуваат десетици илјади луѓе. За да се забрза постапката за одобрување, привремените резултати сега се проверуваат континуирано, додека не бидат достапни доволно информации за донесување одлука за давање дозвола, наведува ЕМА.