А да се обиде со оџата во Битола?

0
1038

Мислев – така си мислев! – после објавувањето на сторијата за сликите на ДПМНЕ, за тие извонредни експресивни масла на платно што можат да конкурираат на кој било ѕид во кој било ходник на која било социјалистичка ветеринарна станица од Баренцово до Охотско Море, дека повеќе нема што да ме изненади оваа недела: јасно е дека Големиот Лидер, сосе целата екипа, и тоа по редоследот на тоа со каква дистанца се насликани околу лидерот, се за клиничка проверка, да им се дадат да препознаат различни нацртани облици на хартија, да им постават неколку прашања за односите со мајките (Груевски не мора, кај него е очигледно) и сл. Тоа е тоа. Можеби таа состојба не може да се лекува ни со антибиотици, но со ампутација би се спречило ширење на менталната гангрена од главата кон ножните прсти. Барем некој нокот да се спаси од катастрофата што нè снајде. Затоа и си реков, добро е, ќе се преживее и оваа недела – минатата едвај опстанавме после три продолженија на интервјуто на Грујо со невладините секти и скокањето од маси… Што не нè убива, нè прави посилни. Така, невнимателно, си мислев.

А потоа се објавија снимките со гатачката.

saso-ordanovski-540x329

СЕПТИЧКА ЈАМА

Дома имаме една остава, метар на метар, во која стојат сто пара чевли (98 отсто женски!), кои никогаш нема да бидат повторно облечени, но кои љубоморно ги чуваме како тенковската муниција во Форт Нокс. Влегов во оставата без да запалам светло. Седнав на подот во очекување дека, ако во тишина и темница мирувам доволно долго и со рацете се масирам по слепоочниците, фактот дека Груевски ја водел државата со помош на некаква фамилијарна гатачка ќе исчезне, ќе се испостави како сечено и лепено и злонамерно аудио пласирано на интернет од непријателски странски служби. За џабе отседев два саати.

Аудиото е автентично. Јасновитката работела во МВР. Во МВР! Не во управата за прислушување, туку во управата за астролошко баење, лево од канцеларијата на Мијалков сениор. Па ја префрлиле во Царина, лево од канцеларијата на Мијалков јуниор. Жената има инспекторски овластувања.

Велат дека истата личност му била спиритуалниот консултант и на Љубчо Георгиевски, покрај бајачките услуги со користење пердуви кај оџата во Битола. Тој, Љубчо, знаеме како заврши во политиката и каде, за влакно, сите ќе нè одведеше. Но, ако е за утеха, денеска г. Георгиевски крцка, бизнисмен-милионер, со секогаш свежи идеи за амнестија на политичарите што краделе пари. Затоа и него го ставиле на сликите во ДПМНЕ, откако неуспешно се обидоа сосема да го избришат од историјата на партијата. Чекаат нова тура слики нарачани во Северна Кореја, поголеми формати, со повеќе народ, таму и Љубчо ќе има засилена улога на платната во сферата на ракоплескањето и погледите полни со надеж кон Лидерот кој отпоздравува.

Полека пресушува нашиот национален резервоар на здрава памет. Тој важен бунар за секоја нација кај нас е претворен во септичка јама, која сега стигна да се прелева. Скокање од маси, слики, гатачки… Што е следно? Дека на седница на влада и официјално се служел кокаин од ресурсите на Генералниот секретаријат на Владата? Дека Чавков јаде свраки за појадок, а Тодоров, со маска на лицето, навистина оперира пациенти на државните клиники?… Внимание, има време, неделава уште не е завршена!

КОЈ ГИ ПРАВЕЛ СНИМКИТЕ?

Си мислам вака: читањето на ѕвездите го снимал самиот Грујо на својот мобилен телефон, тоа отприлика се насетува од снимките, на кои се слуша како чашите за вода се удираат од телефонот. Тогаш, логично е прашањето кој имал достап до телефонот на Грујо? Сите знаеме дека Грујо е параноичен кога е неговата безбедност во прашање – неколкупати ја прашува и самава гатачка дали во позициите на планетите се исчитува некаков атентат – и дека е тешко веројатно некој, вон семејството (што е различен поим од Фамилијата – м.з.!), физички да му пристапил до телефонот и да ја симнал целата меморија. Тогаш, нема други објаснувања, освен две: или некој онлајн, хакерски му ги „пробил“ заштитите на премиерскиот телефон и му ја „обрал“ неговата содржина; или тој самиот ги објавува овие разговори на интернет, бидејќи во анкетите што ги прават, се покажува дека неговите поддржувачи се веќе збудалени, па веста за тоа дека и лидерот користи бајачка за политичка метеорологија ќе им влијае терапевтски врз нивната општа здравствена состојба? … Ах, да, можна е и трета варијанта: гатањето да го снимала самата ѕвездочатка на својот мобилен телефон, па таа да е изворот на оваа нова тридневна национална забава. Си велам, па иако е гатачка, не е можно да е толку будала да мисли дека тоа може да го преживее?

Според тоа, ако, сепак, некој трет ги има овие снимки од мобилниот на Груевски, какви други пикантерии, сензитивни информации и чисти глупости се наоѓаат во нечиј неовластен посед од телефонската мемориска картичка на бившиот премиер? Дали со гатачкава некој не го поздравува Грујо и не му пожелува среќно заминување во политичка пензија, како за тоа да се неопходни дополнителни астролошки аргументи? Да не поседува тој некој, што го „ошурил“ телефонот на Груевски, и видеоснимки од позабавен карактер? Знаете како е тоа со убедувањата: една слика, илјада зборови вреди.

СЈО НЕ ГЛЕДА ВО ЅВЕЗДИ

Моќна е таа комбинација: и астролошки прогнози и опрема за прислушување. Што го нема во ѕвездите, го има на лентите. Денот ви почнува со селективен извештај за следењата на службените и на приватните животи на 26.000 луѓе во државата; продолжувате со гатање на иднината; па извештај од водосостојбата на сметките во Луксембург, Белизе и другите девствени острови; па неколку „Миле-ми-текна“ активности за општ напредок на Фамилијата; потоа возење во мајбахот до локацијата за отворање уште едно тениско игралиште за физички напредок на македонската раса; па телефонски разговор со Латас и гледање Дневник на Сител; за крај, извештај од преземените дневни активности договорени по утринскиот преглед на прислушуваните разговори; следуваат само уште стотина СМС-пораки до длабоко во ноќта, за да им се расипе сонот на потчинетите. Полн ден општокорисна работа.

Којзнае што има во прислушуваните разговори на самата гатачка, бидејќи лидерот од украинските платна на ДПМНЕ нема да си дозволел таков важен државен ресурс да остане без мониторинг – тој и жените на министрите ги прислушувал, па што остана за женава која, како електрична мелница за кафе, не може да престане да зборува за брачните, политичките и деловните проблеми на Фамилијата! Нејзините телефонски исписи мора да се едни од поинтересните во државава.

Со самото тоа, сознанијата на гатачката се легитимен интерес на Специјалното јавно обвинителство, бидејќи Катица и колегите се законски овластени да се занимаваат со содржината на прислушуваните телефонски разговори. Затоа и е повикана за сведок. Или не е повикана? Ќе биде повикана? А ја нема на списокот за аболиција. Пропуст голем, којзнае што ќе каже жената, збори 100 на саат! Реално, во ѕвездите сè е запишано, а она е на државна плата да ги чита. За г. Крпач се изјави дека сам си го одземал животот. Да не биде дека ја барале и гатачкава да се самоубие, ама не ја нашле дома?

* * *

Наводно, влегуваме во завршните недели од кризата. Заев изјави дека потоа одиме на одмор. А во меѓувреме ќе има и техничка влада која, со агендата на Прибе, ќе подготвува есенски избори. Проблем е „Шарената револуција“, таа има поинаков дневен ред на делување, ја гледа државата и после изборите и после политичките договори посредувани од Хан. Како што течат работите, во обновата на македонската демократија мора да остане и некој делотворен коректив за да нè заштити од договорите на политичарите од СДСМ со мафијата од Фамилијата, со посредство на меѓународната заедница. Па, да видиме до каде ќе стигнеме.

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во Слободен печат)