АЈДЕ ЦЕЛА НАЦИЈА ЧЕКА: Заев и Ципрас ќе го сечат јазолот кон средината од неделава?

0
1865

Оптимизам, но и дискреција околу деталите владее во Скопје и Атина откако шефовите на македонската и грчката дипломатија, Никола Димитров и Никос Коѕијас во Брисел соопштија дека разговорите за името се во „завршна фаза“. Ваквата оценка прв ја обелодени Димитров, објаснувајќи дека на синоќешната средба со Коѕијас во Брисел постигнале рамка за компромис за името и дека се надева дека до Самитот на ЕУ на 28 јуни ќе се најде решение.

„Имавме продуктивна средба, имаме рамка што треба да се доработи и на неа во моментов  во Атина работат правни тимови од двете министерства. Се планира важен разговор на премиерско ниво, меѓу Заев и Ципрас кон средината на оваа недела, кога се надеваме дека ќе се пресечат некои важни работи од опциите што се во игра“, изјави Димитров за МИА.

„Важниот разговор на премиерско ниво“ се очекува и да биде пресуден. Најверојатно разговорот Ципрас-Заев ќе биде телефонски, но ако се покаже неопходно – не е исклучена и средба. Домашни политички извори за ДВ велат дека постои надеж оти решение може да се постигне многу порано од 28 јуни.

„Се очекува во средината на оваа седмица да се стигне до договор“, велат тие.

Наспроти ова, претставник на владата во Атина за грчката агенција АНА-МПА изјавил дека преговорите се наоѓаат во најкритичната пресвртница.

„Некои се брзаат да кажат ‘оп’, пред Скопје да скокне“, изјавил грчкиот владин претставник, и повикал на смиреност и трпение до Самитот на ЕУ во јуни.