Ахмети-Ји: Изборите да бидат кредибилни, да нема притисок и заплашување кон гласачите

0
1269

Ситуацијата во земјата и во регионот, изборите кои ќе се одржат на 5 јуни, како и договорот постигнат на 2 јуни и анексот на 15 јули, но и активностите и ангажманот на Македонија за Самитот на НАТО во Варшава во јули годинава, биле темите на кои денеска во Амбасадата на САД разговарале лидерот на ДУИ Али Ахмети и заменик-помошникот на државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД Брајан Хојт Ји.

– Се согласивме дека овие избори мора да бидат кредибилни, да не бидат оспорени од ниту една страна, да ги исполнат сите стандарди и да не бидат оспорени ниту локално, ниту меѓународно. Разговаравме и за чекорите кои Македонија ќе треба да ги преземе во правец на ангажманите што ни претстојат за Самитот на НАТО во јули за да имаме поголеми очекувања, изјави по средбата Ахмети.
Тој истакна дека не било разговарано за повторно поместување на изборите, туку за исполнување на задачите од страна на сите институции како што се политичките партии, ДИК и други, изборите да бидат кредибилни, а политичките партии, да си ја работат својата работа, да нема притисок и заплашување кон гласачите.
На новинарско прашање дали очекува кредибилни избори, Ахмети рече дека смета дека овие избори ќе бидат најмониторирани избори во Македонија од нејзината независност.
Прашан дали треба да се исполнат сите услови вклучувајќи го и договорот за медиумите, Ахмети нагласи дека се разговара околу многу прашања, а САД, како што рече, беа и остануваат наши пријатели – помагаа во минатото, помагаат и сега.
За тоа дали ќе се појави и кој е неговиот став за тоа што е повикан денеска во СЈО во врска со случајот „Космос“, Ахмети одговори дека за тоа „ќе разговара таму“..