АХМЕТИ НА 20-ГОДИШНИНА НА ДУИ : КОЈ Е СПРЕМЕН ЗА УШТЕ 20 ГОДИНИ НЕКА СЕ СТРОИ ЗАД МЕНЕ

0
518

Демократската Унија за Интеграција денес во Скопје ја одбележа 20-годишнината од формирањето како политички субјект. Во својот говор партискиот лидер Али Ахмети рече ДУИ постигнала голем успех во интеграцијата на Албанците во Македонија.

„Имаме целосна интеграција во општините, во Владата, во Собранието, во администрацијата, во полицијата од некогашните 170 полицајци сега се над 2.000, во армијата од 65 сега се над 2.000, во администрацијата од 2 отсто сега се над 21 отсто, па се до највисокото раководство на сите државни институции со целосна одговорност“, рече Ахмети.

Овој 20 годишен јубилеј е посветен на следните две децении и затоа кој е спремен и подготвен за ова патување, нека го врзе појасот и нека се строи зад мене, порача Ахмети.

„На нашите две децении постоење вчера и завчера им се радуваа десетици илјади граѓани на плоштадите во Скопје и Тетово, со силни и издржани причини: мирот, помирувањето,спроведувањето на Охридскиот договор, еднаквоста и правдата, консензуалната демократија, внатрешната, регионална и евро-американска интеграција како и иднината, зелената агенда“, дополни тој.

Мирот и помирувањето во нашата земја беа постигнати во соработка со македонските политички партии, вели Ахмети, со преземање заедничка одговорност за спроведување на Охридскиот договор и постигнување конечно помирување меѓу заедниците.

Ахмети го поздрави признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква, со кое рече, се затвори уште еден важен спор за нашата земја.

„Мора да работиме на позитивен епилог со нашиот сосед Бугарија за нашиот билатерален спор и да го стесниме просторот за дејствување на злонамерни агенди во земјата и регионот, кои не се совпаѓаат со нашите западни дефиниции. Итното затворање на овој спор ќе биде од корист за бугарската заедница во нашата земја, регионот и Европа, но секогаш без да се загрози националниот и јазичниот идентитет на моите сограѓани“, порача Ахмети.

Тој повика и на национален фронт против корупцијата. „Ги повикувам сите учесници во општеството, политичари, институции, медиуми, невладини организации, судство и обвинители, да отворат национален фронт против корупцијата и да ја искоренат, не со зборови, пропаганда и клевети, туку со конкретни обвиненија, без лов на вештерки“, рече тој во својот говор.