АРХЕОЛОЗИ ТВРДАТ ДЕКА КОНЕЧНО ДЕШИФРИРАЛЕ ТАИНСТВЕНО ПИСМО СТАРО 4.000 ГОДИНИ

0
490

Мистериозно, линеарно еламитско писмо, кое се користело меѓу 2300 и 1800 година пред новата ера на подрачјето на јужен Иран можеби сега е конечно дешифрирано, иако некои експерти сè уште се скептични.

Можно е артефактите користени за дешифрирање на натписот да не се набавени на законски начин.

Денес се зачувани само околу 40 познати примери на линеарно еламитско писмо, поради што е тешко во целост да се декодира. Но, експерти во ново истражување тврдат дека успеале во тоа. Всушност, авторите на новата студија се надоврзале на претходни истражувања споредувајќи го системот на пишување во осум линеарни еламитски натписи со текстови напишани на клинопис.

Експерти наведуваат дека преку таа процедура успеале да откријат што значат многу други симболи на еламитското писмо, но и понатаму се непознати околу 3.7% од знаците. Ова писмо има повеќе од 300 симболи кои претставуваат различни звуци, пишува Science Alert.

Тимот превел краток текст, а научниците во истражувањето наведуваат дека во иднина ќе бидат објавени повеќе преводи од целосни текстови.

Археологот Франсоа Десе од Универзитетот во Техеран и Францускиот национален центар за научни истражувања одбија да ги коментираат овие резултати. Live Science контактираше неколку други експерти кои не се поврзани со истражувањето и побара нивно мислење. Повеќето одбија да коментираат или не одговорија.

Сепак, експертот Џејкоб Дал од Универзитетот Оксфорд изнесе свое мислење и соопшти дека се сомнева во резултатите. Тој го проучува прото-еламитското писмо и не се сложува со изјавата на археолозите во студијата, во која се наведува дека прото-еламитското и линеарно еламското писмо се блиско поврзани.

Исто така, е загрижен што тимот при анализата користел натписи пронајдени на археолошко пронаоѓалиште од бронзено доба.

„Тие натписи имаат сомнителни обележја, можеби се фалсификати. Иако артефактите од Конар Сандал не припаѓаат на групата од осум натписи кои биле клучни за дешифрирање, сепак е знак прашање дали воопшто ги користеле“, вели Дал.

Експертите не се точно сигурни од каде потекнуваат осумте линеарни еламитски натписи.

Истражувањето наречено The Decipherment of Linear Elamite Writing е објавено во Zeitschrift fur Assyriologie und Vorderasiatische Archaologie.