АРСОВСКА УТРЕ ЌЕ РАСПИШЕ ОГЛАС ЗА ПРИВАТНИ ПРЕВОЗНИЦИ НА ЛИНИИТЕ 20 И 22, ЗА ДРУГИТЕ ВЕЛИ НЕМА ПОТРЕБА

0
685

Град Скопје утре ќе објави јавен повик за избор на приватни превозници за линиите 20 и 22, најавија од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска. Велат дека за другите линии нема потреба од приватни автобуси бидејќи нив ги презема ЈСП „Скопје“ и со тоа граѓаните добиваат ,,поодобра, поевтина, сигурна и стандардизирана услуга”.

 Јавниот превоз го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи. Во случајов, организацијата на јавниот градски превоз е обврска на Град Скопје и ЈСП.

Единствена разлика во јавниот повик кој ќе биде објавен утре е тоа што Слобода Превоз и ‘Макекспрес нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.

Ги повикуваме сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на група на приватни превозници“, се вели во соопштението од кабинетот на градоначалничката Арсовска.

Арсовска не кажува како ќе се реши проблемот со блокираниот град од приватните превозници на кои ЈСП им должи 1,5 милиони евра и како таа како градоначалничка на Скопје ќе овозможи граѓаните да стигнат навреме на работа, лекар или во училиште. 

Градоначалничката повторно ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски за криминални договори. Во соопштението прашува „дали Мицкоски заедно со неговиот директор на штаб Орце Тодоровски, инаку притворен и првообвинет во случајот Делчевски ниви, договарале набавка на 150 автобуси од Унгарија“. 

Арсовска на 7 март година на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК во врска со набавката на нови автобуси кажа дека заедно со Мицкоски бараат грантови за нивна набавка.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски проактивно делува за подобрување на состојбите во Скопје и во комуникацијата за прашања кои се од важност за Скопје и скопските општини, сигурна сум дека ќе постигнеме резултати за доброто на граѓаните, а кога преговорите ќе ги финализираме истите ќе бидат презентирани во јавноста“, рече Арсовска во март годинава. 

Од ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговорија на Арсовска дека не договарале автобуси од Унгарија и ја прашаа ‘дали е точно дека бугарски автобуси треба да вршат јавен превоз во Скопје, како замена за тековниот‘.