АРМ најавува санкции за војникот Татјана Лазаровска, која напиша дека напаѓачот од Нов Зеланд заслужува Нобелова награда

0
1312

Генералштабот на АРМ најавува санкции за професионалниот војник Татјана Лазаровска, за ширење говор на омраза преку социјалните мрежи. Лазаровска наиде на осуда кај јавноста и медиумите откако од својот фејсбук профил прокоментира дека терористот од Нов Зеланд, одговорен за масакрот во две џамии каде беа убиени 50 луѓе, заслужува Нобелова награда.

За нејзиниот застрашувачки коментар денеска пишуваат и регионалните медиуми.

Од АРМ потврдуваат дека Лазаровска е вработена како професионален војник. Од таму го осудуваат нејзиниот коментар и велат дека ќе биде покрената дисциплинска постапка.

„Во однос на Вашето прашање дали во редовите на Армијата постои лице со наведеното име и презиме кој во одредени медиуми се поврзува со објавен статус на личен профил на социјалната мрежа „фејсбук“, Ве известуваме дека по извршениот увид е констатирано дека во состав на потчинетите единици на генералштабот има професионален војник со наведените персонални податоци. По сознанието од наша страна, согласно законските регулативи и надлежности е отпочната постапка за утврдување на одговорност и за преземање соодветни дисциплински мерки. Генералштабот најостро го осудува секој облик на изразување на било каков вид на нетрпеливост, дискриминирачко однесување или поддршка на истите од било кого. Од Генералштабот е наложено до потчинетите команди и единици секогаш да се преземат соодветни мерки за спречување и најостро санкционирање во рамки на законските надлежности на било кој непримерен облик на однесување и нарушување на угледот на Армијата од страна на своите припадници“, велат од АРМ за Либертас.