АРАФАТ МУАРЕМИ ПОДНЕСЕ ПРЕТСТАВКА ДО ЈОВЕСКИ ЗА ПРЕТРЕСОТ НА ВИЛМА РУСКОВСКА

0
397

Финансиската полиција поднела претставка до Јавниот обвинител, Љумобир Јовески за претресот што го направија минатата недела истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со коешто раководи обвинителката Вилма Русковска па наредба издадена од судија на претходна постапка од Кривичниот суд на барање на Обвинителството.

Како што соопшти денеска Управата за финансиска полиција, на истражителите на 18 јули им бил дозволен непречен пристап во просториите на Управата, како и непречено извршување на наредбата, иако нејзината содржина, како што се тврди, не ги исполнувала формалните и материјалните-суштински основи за да биде издадена.

Според Управата за финансиска полиција, со претресот е нанесена голема штета на угледот на институцијата, на сите нејзини вработени и на угледот и интегритетот на нејзиниот директор, како и „намалување на довербата на граѓаните во правосудниот систем и рушење на темелите на една правна држава“.

– Видно од наредбата воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водел подносителот на барањето за наредба за претрес, а воедно и судијата кој што таквата наредба ја издал. Наведеното упатува на тоа дека при издавањето на наредбата, од страна на судијата на претходна постапка запазена е само формата, но не и суштината за да се издаде наредба за примена на ваква инвазивна мерка, каква што е претресот, се наведува во соопштението од Управата.

Од содржината на наредбата, според Финансиската полиција, може да се констатира дека таа е „воопштена, нејасна и остава простор за слободно толкување“, што упатува на тоа дека подносителот на барањето за претрес ОЈО ГОКК „не располага со јасна и конкретна цел каков доказен материјал со примената на ваквата мерка сакал да обезбеди, а со кој само дополнително би го зајакнале основаното сомнение и би го комплетирале веќе обезбедениот доказен материјал за некакво сторено кривично дело“.

– Според наредбата за претрес, претресот се спроведува „поради постоење на основано сомнение дека е сторено кривично дело…“. Согласно член 21 точка 15 од Законот за кривична постапка, „основано сомневање е повисок степен на сомневање заснован врз прибавените докази кои упатуваат на заклучок дека определено лице сторило кривично дело “, а од друга страна јавноста е сведок на изјавите на шефицата на ОЈО ГОКК објавени во медиумите во кои самата изјавува дека нема осомничени лица, односно дека „..,чекаме да видиме дали има нешто основано во пријавата“, се посочува во соопштението.

Управата бара Јавниот обвинител да го испита постапувањето на обвинителството во овој случај.

Минатата недела Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вршеше претрес во Финансиската полиција за кривична пријава поднесена до од нив од граѓани. На што се однесува кривичната пријава, оттаму не соопштија бидејќи се работело за предистражна постапка.