Андреевски ги демантира обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за фирмата за продажба на гас во Струмица

0
1510

Митко Андреевски, претседател на Комисијата за енергетика во СДСМ денеска преку соопштение ги демантира тврдењата што денеска на прес-конференција ги изнесе Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ и побара извинување од него за, како што рече, изнесените лаги. Најави дека ќе покрене и тужба за клевета.

– Изнесеното на денешната прес-конференција на Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ, поврзано со моето име и работата на фирмата СИ ЕН ЏИ Системс, е целосна измислица. Фирмата СИ ЕН ЏИ Системс е основана и работи исклучиво согласно законските прописи во Република Македонија, се вели во демантот од Андреевски.

Тој нагласи дека СИ ЕН ЏИ Системс го добила тендерот за набавка на CNG (compressed natural gas) и негова достава за ЈП „Струмица гас“ заедно со друштвото „Галилео С.А“, на меѓународен повик за доставување најповолна понуда, во согласност со највисоки стандарди и доставена најниска цена.

– Цената по којашто се набавува гасот е согласно пазарот на природен гас и во овој момент таа е уште пониска од цената врз основа на којашто е доделен распишаниот меѓународен тендер. Чиста измислица се бројките и таканаречените пресметки за конструирани заработки, што категорично ги демантирам, вели Андреевски.