Андов: Иванов може кривично да одговара за попречување формирање на влада

0
1418

Бура од реакции по вчерашната изјава на претседателот Иванов кој побара во програмата на мандатарот да бидат предвидени и одредени услови за формирање Влада. Претседателот Иванов не само што излегува од своите надлежности туку тој прави и тешко кривично дело, вели за 24 поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов.

„Претседателот може да биде обвинет за попречување на избор на Влада што фактички е нарушување на некои основни уставни начела. Исто така е должен да го даде мандатот на партијата која има создадено парламентарно мнозинство. Надвор од тоа, нема никакви овластувања кон владата“ – вели Стојан Андов, поранешен претседател на Собрание.

Според Ненад Новковски, професор и поранешен министер за образование, Иванов има само формална функција да го предаде мандатот на мнозинството, а не да поставува барања со што ја одолговлекува постапката и ја продлабочува кризата.

„Ова е далеку надминување на надлежностите. Претседателот е само протоколарно лице кое формално му го врачува мандатот што граѓаните му го доверуваат на некој од политичките лидери за формирање на Влада“ – вели Ненад Новковски, поранешен министер за образование

И Андов и Новковски кои имаат искуство во составувањата на влади, велат дека досега никогаш не се случило претседател да испорачува барања на мандатар. И двајцата укажуваат на селективниот начин на постапување на Иванов, на Груевски да му го даде мандатот без обезбедено мнозинство, а на Заев да му поставува услови.

„Мандатот не се дава на партија за да создадат мнозинство, туку тоа мнозинство треба да претходи. Тоа Иванов не го почитуваше и на Груевски му нанесе штета“ – вели Андов.

„Не може да воведуваме правила во средина на играта. Кога е отпочната постапката тогаш се продолжува на истиот начин. Не може некој да има поповолни услови од некој друг“ – вели Новковски.

Иванов по вчерашните консултации со раководствата на парламентарните партии изјави дека мандат ќе добие оној кој ќе докаже дека обезбедил мнозинство во Собранието и кој во својата програма ќе има две точки – заштита на државните интереси и национална безбедност на Македонија.