Ана Бунтеска: Не ми иди на сон

0
1429

Ти во заборавот

Јас во зборот

Таму гнезда ќе свиеме

Ко птици живеалишта ќе си направиме

Ти мене ќе ме спакуваш

Ко пожолтена слика во правлив албум

Та ќе го наредиш во кутија

Со ортома стегната за да не излезе

Ниту случајно некоја слика патот надвор да го најди

И да те здоболи до коска

Кога во неа ликот ќе ми го видиш

А јас

Јас ќе го правам она најдобро што го знам

Во песна ќе те отерам во мајчината

Та после ќе те закопам меѓу два стиха

При крајот и помен ќе ти извадам

И можеби и точка ќе ти ставам

И ќе тераме така

Ден за ден

Година за година

Ти врз твојата кутија други ќе редиш

За да стежнат

Во заборав да ме снема

Јас на полицава книги ќе си везам

И никојпат нема да ги отворам

Туку само понекогаш

Со крпче врз кориците ќе поминам

Колку да се потсетам оти внатре си

Ти мене во заборавот

Јас тебе во зборот

И арно ќе ни биди

Дури и ќе се убедиме

Дека никој сум била

Дека ништо си бил

Дур на сон еден на друг да си дојдиме

Та после џабе и кутијата твоја во визбата

Џабе и книгите мои стиснати со зборови прекршени

И се’ во тој миг кога очи ќе отвориме

Џабе ќе биди и џабе ќе остани

Оти тогаш горнион на помош

И тебе а бога ми и мене

Е тогаш денот можи и во сонце да се прпелка

Ама во душите зима ќе си носиме

Е тогаш пиле

Тогаш за греој ќе бидиме

И ти кој ќе знаеш оти заборав нема

И јас ко ќе видам оти секој збор на тебе мириса

И ко улај ќе се вртиме околу спомените

И ќе се прашуваме дали и каде згрешивме

Дали иљач за болката има

Или некој доктор ќе знај што да правиме

И едвај ќе чекаме ноќта да дојди

Да преспиеме

За некој друг сон да сониме

Во кој нема да ти дојдам

Во кој нема да ми дојдиш

Во кој нема љубов да водиме

И за раце силно да се држиме

Ноќта ко жеден вода ќе ја чекаме

За одново да се заборавиме

Ко да не сме постоеле

Ко еден на друг да не сме си ветиле

Оти никогаш, никогаш

Од ум не ќе се вадиме

За Женски Магазин, Ана Бунтеска