Аналфабетски курс по албански, ескимски и бушмански

0
1201

На нас граѓаните на Р.Македонија не ни е неопходен “аналфабетски курс“ по албански, туку по демократија и граѓански права и слободи! Така навистина ќе го научиме и албанскиот и ескимскиот и бушманскиот … всушност, проблемот е во тоа што во Македонија многумина не го знаат ни општо човечкиот јазик, е дури кога ќе го научат него, кога ќе евоулираат од неандерталци во луѓе, потоа се друго ќе се подразбира… ќе стане нормално…Дури и ќе стане небитно за потенцирање!

Затоа – новото парламетарното мнозиство (нестрпливо очекувано од сите), кое го чувствувам како мое т.е. како група на браќа, соборци, пријатели… Воедно би ја покажало својата зрелост, а и на секој оној, кому сеуште не му е јасно, зошто – протестиравме, кампувавме, јадевме ќутек, не притвараа, не цензурираа, спинуваа, сатанизираа, оцрнуваа…зошто фрлавме со бои, зошто изодевме илјадниници километри, зошто конечно Македонија на 11ти гласаше за промени, гласаше – За живот во Македонија… сето тоа, би му го објасниле уште на првата седница, ако по своето конституирање, како прво нешто што би го предложиле, би било: Уставна промема – Македонија да го смени карактер на уредување од унитарен во граѓански! Да Македонија прерасне, евоулира, во ДРЖАВА НА СИТЕ ГРАЃАНИ НА Р. МАКЕДОНИЈА!

Со тоа, голем број на закони, акти, амадмани, статути, алинеи… ќе станат небитни, застарени и апсурдни, безпредметни, па дури и имбецилно смешни од аспект на здрава демократија заснована на благосостојба и унапредување на граѓански права и слободи.

Оти така е, тоа е единствено праведно и правилно решение… и кога тогаш, Македонија ќе созрее и ќе стане држава со граѓанско уредување!

На сите нас ова парче земја под сонцето ни е дом, тука ни се родила и првата љубов, а ни потекла и првата солза … Печалот, куќата и куќиштето, земјата која ја ореме и дрвјата од кои береме плодови, се тука, на оваа наша заедничка грутка земја.

Никој од нас нема резервен дом ниту резервна иднина. Белизе и слични егзотични острови се прибежишта и “касички – прасички“ на тие што толку многу милуваат да се прикажат за патриоти, токму затоа, бидејки знаат дека во тоа што го направиле и тоа што го прават, не дека нема ништо патриотско, туку за сето тоа, овој народ, има еден друг епитет, а тоа е – предавник или уште поточно – одродник!

А ние, обичните“, навидум небитни а всушност најбитни – Оти сум чул за држави без политичари, без лидери, без патриоти и одеродници, но за држава без народ… јас нешто такво неможам ни да замислам…

…И да, дај да баталам и јас со фразите…

…Туку да го довршам списокот на “заедничкото“, списокот на “истоста“ кај сите граѓани на Р. Македонија: …Децата и тие, на сите нас, ни се родени тука, и сакаме тука да им се радуваме на нивната младост – дур не навјасува нашата старост, и насмевките ни се исти и брчките при лутина на ист начин ни се криват. А и гробовите… коските и од дедо и од на дедото дедов, тука на оваа земја и даваат “малтер“ и даваат цврстина, да кога ќе затреба, да оваа наша земја не излезе ни премногу мека и лесна за марширање од страна на нечија злонамерна чизма… ….Знам, знам! Јасно ми е дека сите ние сме горди луѓе, и сето тоа е нормално и е во човековата природа, дел од неа, а пак токму таа гордост – силата на своите аргументите, најчесто ги црпи, од славното минато!

Но ако секој од нас запре за миг и првин изброи до десет, сепак, кога би морал да избере, би ја ставил иднината на новородениот син, барем за педа, понапред од минатото на покојниот дедо… Та тука лежи и срцевината на мојот предлог – Дај патриотизмот да го облагородиме со атрибути на “среќна иднина“, наместо како додега, со – “тажно минато“, оти патриотизмот, во духот на 21 век, е љубов кон различниот, а не омраза кон инаквиот… Дај, редно е веќе, а и не е тешко да се сфати – Дека ако сакаш да стасаш кон некое поубаво утре, треба да одиш напред, а не да се враќаш назад, и тоа: одново и одново, назад!

Назад: Да се вратиме кон старите врдности, кон начинот на живеење и расудување на нашите сатари! А бе ајде! Да сето тоа било добро, би останало како трајна вредност, и не би било надминато, заборавено, осовремено, ускладено со духот на времето, не би се рудиментирало или сосема исчезнало токму во склад со евулутивниот, умствениот, слободарскиот, или накратко – со сеопштиот цивилизациски напредок на човештвото. Целата таа ретроградност и апел за чекорење наназад, коренува во страв! Токму во стравот на одреден тип на луѓе, кои се исплашени – од се што е ново, се што е по различно и по инакво од нив… Тоа се оној ист тип на луѓе, кои, кога се појавил филмот, се криеле зад кино седиштето, мислејки дека ќе бидат прегазени од возот што го здогледале за прв пат на филмското платно…

И да не должам, значи со лице кон иднината, и храбро, и веднаш со големи и радикални чекори напред! Оти за овие десет години диктатура, се вративме во позиција полоша и од 1992 г., сега ќе мораме да спринтуваме – Оти за мене, вистински патриотизам, е ако успеам, мојот син или барем внук, да го направам еднаков член на европското семејство, ако успеам, без обиколување и што е можно побрзо, да му  обезбедам да ги ужива сите права и слободи на едно напредно демократско општество, и можеби најбитно – ако под итна постапка, успеам да му ги одврзам теговите на патријахалното, религиското, националното, шовинистичкото и малограѓанското бреме, и тоа еднаш за секогаш, неповратно!

Да го ослободам од цел овој ланец искован од тешки бремиња, кој синџир, нема никогаш веќе да го повлече наназад, ни во времето ни низ просторот, и така не обременет, ќе му помогнам кога ќе раскрили, многу полесно да се вивне високо, што повисоко, што подалеку во остварувањето на личните и колективните права и слободи… за разлика од нас, што со многу напор моравме да летаме, оти при летот истовремено мораше да  водиме многу ‘војни“, борба, протести… револуции!

Југослав Петровски