АНАЛИЗА: Ќе има ли редовни пензии за идните пензионери?

0
1279

Илјадници граѓани за неколку денови ќе добијат шанса да го откупат стажот. Владината најава, соопштена во ек на политичка криза, дека ќе се обезбеди можност на засегнатите граѓани да го остварат правото на пензија, па во некои случаи да обезбедат и повисока пензија, експресно беше преточена во законско решение.

pari-penzioneri

Пензискиот фонд, кој и сега се соочува со сериозни финансиски проблеми, треба да се подготви за можен наплив на нови пензионери, сметаат економистите. Каде води ваквото решение и дали ќе биде загрозена ликвидносната позиција на фондот а со тоа и редовната исплата на пензиите?

За да има пензии – ќе има задолжувања …

За да се посегне по мерката со која ќе се овозможи докуп на стаж за да се оствари право на пензија, најпрво е непоходна опсежна анализа за последиците, пред се врз финансиката состојба на веќе проблематичниот Фонод за пензиско осигурување и дали нема да биде загрозена исплатата на идните пенизнери, оценуваат дел од економистите.

„Пензискиот фонд и досега се соочуваше со проблеми за да обезбеди пари за исплата на пензиите. Она што е важно дека ние имаме тренд на зголемување на старосната граница а бројот на вработени е исти, освен во некои сектори, како јавниот сектор на пример. Фискални извори за финасирање на нови пензионери нема затоа што нема отворање на нови работни места кои ќе обезбедат приливи во фондот. Единствен начин преку кој би се обезбедиле пари се задолжувањата и таа пракса ние ја гледаме веќе 5-6 години“, смета универзитетскиот професор Семи Бислими кој објаснува дека Македонија ќе може да се задолжува во странство се додека не достигне сериозно ниво на зависност од кредиторите кои во следна фаза ќе запрат со финансирање по што земјава, односно економијата ќе се соочи со проблеми.

Според проценките, шансата за откуп на стаж ќе засегне околу 200.000 граѓани на кои им недостига работен стаж за да остварат пензија. Според најавите од владата, мерката се однесува на лица кои работеле во периодот на транзицијата, а компаниите не им го плаќале стажот.

Дел од категоријата која ќе биде опфатена со овие мерки се и лица кои веќе се во пензија, но поради малиот стаж земаат помали пензии, како и лица кои се’ уште работат, но им недостига стаж за да се пензионираат. Битолчани мислат дека мерката е позитивна, но велат дека прво треба да се донесе за да се види колку ќе се плаќа за откуп на стажот.

Додека законските решенија се во финална фаза, анализите на економистите упатуваат на алармантни податоци. Зависноста на пензискиот фонд од буџетот го намина нивото од 40%, кои се сметаат како одредена граница за одржливост.

„Исплатата на пензии во 2013 година обезбедена од централниот буџет достигна повеќе од 50%. Ова значи дека половината од износот на исплатени пензии се обезбедуваат преку централниот буџет и/или задолжување, за кое повторно плаќаат сите граѓаниеднаш преку придонесите и втор пат преку даноците“.

Пред да регрутира нови пензионери, Владата мора да обезбеди приходи за финансирање на пензиите, а тоа треба да се направи преку нови вработувања кои ќе обезбедат приливи по основ на придонеси, велат економистите.

„Сегашниот сооднос на пензионер-вработен не е одржлив, ние секоја година имаме нова генерација од околу 22 илјади работоспособни, полнолетни лица, а од друга страна по околу пет илајди нови вработувања. Сегашниот потег за откуп на стаж сметам дека е во политички контекст, да се задржат постоечките гласачи и евентуално да се придобијат неопределените, но повторно укажувам дека ова ќе биде удар за пензискиот фонд кој и сега не е одржлив и зависи од дотациите од Буџетот“, објаснува професорот Бислими.

Влошувањето на финаиската состојба во пензискиот фонд беше регистрирана најпрво по спроведување на пензиската реформа и формирањето на приватните пензиски ситеми, а потоа и со континураниот пораст на висината на пензиите во состојба кога фондовската каса се соочува со ликвидносни прблеми. Дел од нив беа констатирани и од Државниот ревизор.

„Зголемувањето на бројот на корисниците на пензија како и усогласувањето на пензиите во 2012 година влијаеше на недостаток на средства за исплата на пензии поради што секоја година се зголемува зависноста на Фондот од позајмување на буџетски средства од основниот Буџет на РМ. За покривање на буетскиот дефицит исплатените средства од Буџетот на РМ имаат учество од 22 %“ , оценија ревизорите.

Јазот меѓу оние што земаат пензија и оние што ја полната фондовската каса се стеснува – алармира експертската јавност. Според пресметките на ПИО, на 1,8 осигуреници има 1 пензионер, сооднос што објективно треба да го вклучи алармот за долгорочна одржливост на фондот за редовна исплата на пензиите.

„Ние имаме сериозен проблем со Фондот за пензиско осигурување. Таков проблем има секаде во Европа, но кај нас таа состојба е ендогена бидејќи интензитетот на влошување е многу јак. Пред нецели двесет години, односно од 1996 та година, ние имавме однос на тројца вработени еден пензионер. Денеска тој сооднос е 1,6 вработени спрема 1 пензионер, што значи дека тој сооднос е двојно влошен. “ – оценува универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети.

Според проценките на експертите, за да се пополни сегашната дупка во касата на ПИОМ преку обезбедување на приходи по основ на пензиско осигурување, потребни се 200 илјади нови вработувања.

Анализа на Порталб