АНАЛИЗА: Економијата (не)имуна на политичката криза-што не чека?

0
988

Мерењата на домашните инститции и прогнозите на меѓународните финансиери покажуваат оптмизам – македонската економија остварува позитивни стапки на раст и покрај политичката неизвесност. Во последниот пролетен Извештај на ММФ се прогнозира дека годинава и досгодина растот на БДП ќе изнесува 3,6%. Слична проекција од 3,7% економски раст испорача и Светска Банка, известува новата неделна економска анализа на Порталб.мк. Домашната економска јавност вели дека зад ови бројки, сепак, неизвесноста од политичката криза длабоко ќе се одрази врз вкупната економија и тоа ќе го почуствуваат и граѓаните и фирмите.

 Криза и економија – последици сепак ќе има …

Воздржувањето на домашните и странските инвеститори е еден од симптомите дека сепак, економијата не е имуна на политичката криза. Бројките и прогнозите за економски раст се оптмистички, но не смее да се занемари опасноста што ја носи неизвесноста, и тоа ќе го почуствуваат сите, и граѓаните и фирмите, оценуваат економистите.

“Последиците од постојната политичка криза веќе ги чувствуваме. Странските инвестиции се на многу ниско ниво, задолжувањето постојано расте. Политичката криза неминовно ќе  доведе до раст на каматните стапки, потоа негативно ќе се одрази на домашните инвестиции, до релативно намалување на домашната побарувачка, а сето тоа ќе доведе до зголемување на негативното салдо на тековната сметка, а со тоа и на салдото на билансот на плаќање, состојба која што лесно може да не доведе до позиција  на несолвентност“, вели за Порталб.мк универзитетскиот прфесор Сами Бислими.

Во последниот пролетен изветај ММФ објави проекција за раст на економијата од 3,6%, но во исто време ја нотираше сеуште високата стапка на невработеност и неизвесноста од политичката криза.

“Најбрз раст во 2015 година од земјите во регионот бележи Македонија со 3,7 отсто, а по неа е Косово со 3,6 проценти. Пролонгирањето на политичката несигурност би можело да влијае врз одлуките за инвестирање и намалување на економската“ – се посочува во извештајот на ММФ.

Според економистите, значајно е да се анализира производната и расходната страна на БДП, за да може да се одговори на прашањето на што се потпира растот.

“Структурата на БДП споро се менува доколку ги имаме во предвид очекувањата од странските директни инвестиции,  кои не се исполнети до крај и тука треба да се работи на подолг рок како во начинот на привлекување така и во креирање амбиент за поврзување на СДИ со домашната производна економија како и долгорочно останување на странските инвеститори,  кои нема да бидат привлечени само поради ниските трошоци и субвенции. Од расходна страна очигледно е врзувањето на јавните ресурси (буџетските пари)  во неприоритетни расходи и во тековни расходи кои само статистички  го зголемуваат растот кој не носи и развој и благосостојба и дополнително ја зголемува Нееднаквоста“ – вели за Порталб.мк економистот Марјан Николов од ЦЕА.

Домшаните бизнисмени, напроти ваквите проекции за раст, велат дека во периодот што следува очекуваат подлабоки негативни последици од политичката криза. Од Комората на северозападна Македонија оценуваат дека вкупните состојби и неизвесноста  веќе серозно го загрозуваат бизнисот, а одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за аболиција придонесува врз продлабочување на правната несигурност.

“Реагираме на последните непромислени политички одлуки кои го загрозуваат владеењето на правото, а без тоа не може да се замисли бизнис. Ние зборуваме за непосредни ефекти кои произлегуваат од овој неред и на среден рок ќе имаме економска стагнација, а ко не се преземат итни и ефикасни мерки, ќе имаме регрес во економијата“, оцени  претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Неби Хоџа.

Сличен став имаат и економистите, последиците од политичката криза ќе бидат неминовни.

“Ниту една економија не е имуна на на политичката неивесност. При анализа на економскиот раст задолжително е да се знае струкурата на растот. Според постојната методологија, економски раст  се обезбедува пред се доколку се вложува  нестопански дејности, кои по правило се потрошувачки сектори, но кои испорачуваат  некакви услуги. Овие сектори  покажуваат повисока динамика на раст од стапката на раст на реалниот сектор, а како последица на тоа нивното учество во формиранјето на БДП е во постојан пораст.  Сведоци сме дека, вложувањата во градежниот сектор се во пораст, што дава позитивни ефекти (еднократни) врз растот на додаденатата вредност во сите гранки поврзани со градежниот сектор. Тука е и придонесот од  растот на учеството на додадената вредност од т.н. Слободни економски зони. Доколку се погледне структурата на додадената вредност, станува очигледно дека, постои диспаритет, несовпаѓање помеѓу  тоа што се проиведува и структурата на агрегатната побарувачка. Од тие причини, иако велиме дека бележиме економски раст, животниот стандард останува ист или се топи, се зголемува стапката на сиромаштија, а истовремено се зголемува дефицитот во трговскиот биланс и  задолжуванјето, а би требало да биде обратно“ – вели за Порталб.мкпрофесорот Бислими.

Во еден од последните извештаи,  Светска Банка посочи дека на Македонија ќе и бидата потребни 30 години и стапка на раст од 4,5% за да стаса до европскиот просек.

“Со раст од 4,5 % на Македонија ќе и требаат 30 години да го достигне нивото на Европската Унија, под претпоставка дека растот во ЕУ би бил 0,5 % годишно“, изјави Бојан Шимбов, економист во Светска банка.

Според европската статистика, македонските граѓани се во групата на најсиромашни, со стандард кој изнесува само 36% во однос на европскиот просек. 

Анализа на Порталб