Амбициозниот План за чист воздух остави многу нереализирани обврски

0
673

Голем дел од мерките предвидени во двегодишниот План за чист воздух се далеку од реализација. Амбициозниот документ, кој предвидуваше намалување на аерозагадувањето до 50 отсто во Скопје и од 30 до 50 отсто во другите градови се реализира веќе втора година по ред, но не во сите сегменти кои се планираа. Замената на старите грејни тела кои работат на фосилни горива со инвертер клими, инвестициите во енергетска ефикасност на јавните објекти и обидите да се намалат дивите депонии, а да се зголеми јавното зеленило, се меѓу најспроведуваните во Скопје и другите општини низ земјава.

Сепак, изостануваат посериозните инвестиции во управувањето со отпадот, не само од аспект на нелегалното исфрлање, туку и во редовната работа на комуналните служби, системот за селекција и рециклирање, нема казни за несовесните загадувачи, ниту пак зајакнување на ингеренциите и бројноста на инспекциските служби. Тешко оди и поправката на мерните станици за загадување на воздухот, кои неколку години по ред чекаат на реализација на тендерите за да се оспособат и да ги мерат сите видови ПМ честички и другите извори на аерозагадување.

Пандемијата на ковид-19, исто така, не донесе ништо добро за инвестициите во животната средина, туку ги пренасочи финансиските приоритети, со што ја удвои опасноста во претстојната грејна сезона, која е позната по високи концентрации на загадувачки материи во воздухот. Граѓанската „О2 Иницијатива“ неодамна реагираше на новите планирани кратења на буџетот предвиден за животна средина.

„До кога ќе се крати од животната средина? Се давиме во ѓубре, ама за чистење на дивите депонии со ребалансите на буџетот годинава се предвидени 90 отсто помалку средства. Во моментов 21 инструмент од мерните станици за мерење на квалитет на воздухот не работат, но две третини од средствата наменети за набавка на делови и нови инструменти се скратени. Оваа година нема дотации за општините Битола, Новаци, Могила, Кичево, Чаир, Гази Баба, Центар, Аеродром, Кисела Вода, како надоместок за производство на енергија од фосилни горива“, велат во „О2 Иницијатива“.

Граѓанските активисти се незадоволни што загадениот воздух, почва и вода не се приоритети на Владата, што доцни чистењето на токсичниот линдан, како што и нема пари за фекални колектори и заштита од порои.

„Нè сотреа загаден воздух, вода и почва, ама упорно се крати од средствата за животна средина. Отстранувањето на линданот од ОХИС се најавува секоја година, но таму не е проблем само тој, туку и живата и други канцерогени супстанции. Наместо да сведочиме за конечно чистење на сите токсични супстанции од тие мегатонски канцерогени депонии, 70 отсто од средствата за отстранување на линданот се тргнати“, велат активистите.

Со Програмата за намалување на аерозагадувањето за годинава најавена беше замена на системите за затоплување во 45 градинки и 29 училишта, а Министерството за животна средина и просторно планирање информираше дека во план е до 2024 година да не постои ниту една институција која загадува. Објавен беше и повик на кој општините можеа да конкурираат и да добијат до 100.000 евра за замена на нееколошките системи за греење во градинките и училиштата, здравствените и административни објекти во најзагадените градови.

Сепак, голем дел од мерките сè уште чекаат да дојде нивниот момент. Потребата од почести контроли и уште поважно, поажурно санкционирање на загадувачите, требаше да се обезбеди со зајакнување на капацитетот на инспекциските служби. Мерните станици требаше да бидат опремени, но според најавите од Министерството за животна средина и просторно планирање за ова ќе треба да се почека до крајот на годината. Идната година ќе ја почекаат и вработувањата на нови инспектори за животна средина, кои ги предвидуваше Планот за чист воздух.

„Во врска со предлог планот за нови вработувања за 2021 година, кој го изработува секоја државна институција очекуваме, со оглед на сложените финансиски предизвици од епидемијата, сепак да биде овозможено одреден број на нови вработувања на инспектори по сите три основи, животна средина, природа и водостопанство“, информираат од Министерството.

Од таму велат дека интензивно се работи и на решавање на проблемот на замена на застарените мерни инструменти со нови. Лани се набавија шест инструменти за мерење на PM-10 честички, од кои едниот е монтиран во станицата Гази Баба, а другите во станиците Лисиче, Велес 2, Кавадарци, Кичево и Гостивар. Некои станици, сепак, за функционална опрема ќе треба да почекаат уште две години.

„Набавка на една нова мониторинг станица за Гевгелија и замена на мерните интрументи во Битола 1 се веќе реализирани во рамките на проект финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Грција и опремата е инсталирана и пуштена во функција. Во тек е набавка на инструменти за мерење на концентрација на PM2.5, два инструмента ќе се набават со финансиски средства од Буџетот на МЖСПП и ќе се инсталираат до крајот на годинава. Останатиот дел, во рамките на проект финансиран од SIDA, планирана е замена на 11 застарени инструменти од ДАМСКАВ со нови. Замена на другите мерни инструменти е планирана и со ИПА 2 програмата и во периодот до 2022 година ќе бидат комплетно заменети“, информираат од Министерството.

Една од мерките која ја предвидува Планот за чист воздух е и замената на печките на дрва во Скопје и во општините Битола, Кичево и Тетово, кои во изминатите години ги регистрираа едни од нависоките концентрации на ПМ-честички во светот. Мерката важи за индивидуалните домови кои можат да се снабдат со нови инвертер клими, кои се субвенционираат со 100 отсто од сумата, односно максимум до 1.000 евра.

Јавниот повик во Скопје сè уште е отворен, но сепак, дел од мерките во Планот за воздух, кои се однесуваа на главниот град не се ниту блиску до реализација. Така документот предвидува во изминативе две години, 10.000 домаќинства да се приклучат на постоечкиот топлински оператор БЕГ, а топловодната мрежа да се прошири. Предвидено беше Скопје да нема калливи површини по кејовите на Вардар и Лепенец, како и да бидат расчистени дивите депонии и дивите населби каде многу често се палат огнови на отворено.

Во Градот Скопје велат дека преземаат повеќе мерки за намалување на аерозагадувањето. Една од нив е и формирањето на новото јавно претпријатие Градски Енергетски Системи по преземањето на топловодната мрежа во Скопје. Во моментов се работи на завршување на административните постапки за добивање лиценца, по што, градските власти најавуваат дека ќе започне со дистрибуција на топлинска енергија. Мерките за проширување на мрежата и приклучување на нови корисници, велат во Град Скопје, ќе мора да почекаат.

„Во моментов трае јавниот повик за субвенции на граѓаните за набавка на инвертер клима уреди, каде во соработка со Владата ќе се доделат над 5.000 субвенции, со максимална висина од 62.000 денари. Град Скопје и во 2018 и 2019 година доделуваше субвенции за граѓаните за набавка на инвертери кога беа доделени 20 милиони денари, односно 1.379 субвенции, како и по 15 милиони денари за субвенции за набавка на печки на пелети. Субвенционираме и обука на оџачари, како дефицитарна струка, како и чистење на оџаци“, информираат од Градот Скопје.

Градските власти велат дека во континуитет работат и на чистење на постоечките диви депонии и на спречување на создавање на нови, со константни контроли и патроли на инспекторите и комуналните редари. Сепак, уредувањето на големите депонии, како што е Вардариште, признаваат дека ги надминува нивните можности. Тоа, велат дека е комплексно прашање и за решавање ќе биде потребно да се ангажираат повеќе институции.

Извор : МЕТА.МК