Амбасада на САД: Tесно соработуваме со МВР, Случајот „Двојник“ не го коментираме

0
861

Американската амбасада соработува со МВР и другите институции, но не коментира истраги што се во тек, е ставот на Амбасадата на САД на прашање на „360 степени“ за нејзината позиција во случајот „Двојник“, за незаконското издавање пасоши со украден идентитет.

-Не коментираме истраги што се во тек, Амбасадата на САД има тесна соработка со МВР, како и со другите владини министерства и институции во Северна Македонија, за да се постигнат заедничките цели за спроведување на законот и владеење на правото, вклучувајќи регионална соработка за спроведување на законот и борбата против тероризмот – велат од Амбасадата на САД.

Од американската амбасада додаваат дека тие обезбедуваат техничка помош и поддршка за правосудните органи во државава за зголемување на капацитетот на правосудните органи и поуспешно спроведување на законите и владеење на правото.

„Во тесна соработка со министерствата за внатрешни работи и правда, Амбасадата на САД обезбедува техничка помош, форензика, обука и опрема за да се подобрат капацитетите за спроведување на законите и на правосудните институции. Овие активности придонесуваат за национална и регионална безбедност преку зајакнување на граничната безбедност, транспарентноста и можноста да се истражуваат и да се гонат корупцијата, тероризмот и случаите на организиран криминал – додаваат од американската амбасада.

На последната прес-конференција, министерот Оливер Спасовски потенцира дека „Двојник“ е меѓународна акција, на која нашата полиција работела со поддршка од Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Скопје, како и Генералниот секретаријат на Интерпол-Лион и Интерпол-Скопје.

Спасовски ја обвини опозицијата дека со објавување детали од истрагата направила обид за нејзино саботирање, обид за загрозување на работата на полицијата и стратегиските партнери и против државните интереси.