Алтхаузер: Никој не знае дали на 5 јуни ќе има избори

0
943

Изборите се само еден чекор на патот Македонија да се врати кон евроинтеграциите, и никој не знае дали ќе се одржат на 5 јуни, затоа што треба да се прочисти избирачкиот список, да се одвои државата од партијата и да се избалансира медиумското покривање, смета германската амбасадорка во Македонија, Кристине Алтхаузер, која зборуваше на панел дискусија за „Плурализам и политичката криза“ во организација наЦивил.

„Никој не знае дали навистина ќе има избори на 5 јуни. Изборите не означуваат крај на еден процес, туку се само еден од многуте чекори кои земјата треба да ги преземе за да ја поврати својата евроатланска перспектива“, рече Алтхаузер за време на панел дискусијата.

Порача дека Договорот од Пржино е жив и делови од него се исполнети, но дека за други сѐ уште се преговара.

„Каква и да било влада која ќе се создаде по изборите мора да биде повикана на одговорност во однос на евроатланската политика врз основа на обврските предвидени во договорот“, рече Алтхаузер.

Според неа, без балансирано медиумско известување, пречистен избирачки список и одвојување на државата од партијата не може да има кредибилни избори.