„Алкалоид“ во првото тримесечје со раст на консолидираните продажби и нето добивка, инвестиции и 30 нови вработувања

0
988

,,Алкалоид АД“ Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – март 2017 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех, соопштија од компанијата.

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – март, продажбите достигнуваат 1.781.320.547 денари, што е за 11 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 342.090.242 денари, бележи зголемување од околу 12 отсто, единечната нето добивка изнесува 203.498.490 денари и е зголемена за 9 отсто.

Во периодот јануари – март, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 2.332.909.055 денари, што е за 10 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 11 отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 9 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 38 отсто се остварени на домашен пазар, додека 62 отсто се остварени на странски пазари.

Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 30 отсто, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 8 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 23 отсто и на останатите пазари се остварени 1 отсто од вкупните консолидирани продажби. Најголем пораст кај извозните пазари е остварен во следните земји: Велика Британија со продажби од 67.462.665 денари што претставува раст од 4.275 отсто, Русија раст од 36 отсто, Романија раст од 63 отсто, Словенија раст од 28 отсто, Хрватска раст од 5 отсто, Унгарија раст од 369 отсто, Чешка раст од 467 отсто, Албанија раст од 11 отсто итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 85 отсто. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 20 отсто, кардиолошките препарати со 17 отсто, невролошките препарати со 13 отсто, антибиотиците заземаат 15 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 15 отсто во вкупните консолидирани продажби или поточно хемија учествува со 4 отсто, козметика со 8 отсто и билкарство учествува со 3 отсто.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 389.086.951 денари бележи раст од 12 отсто, додека нето консолидираната добивка во износ од 231.180.196 денари е зголемена за 11 отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2017 година изнесуваат 128.227.342 денари. Во периодот јануари – март 2017 година во Алкалоид се реализирани 30 нови вработувања во Република Македонија, стои во соопштението од компанијата.