Ако Груевски го наполнат со пари пред избори – пиши пропало!

0
1144

Читам и не можам да поверувам – освен две до три посериозни анализи, со прилично црни прогнози, никаде ни збор предупредување, уште помалку пак директен протест против намерата на оваа ненародна власт да ја задолжи земјата со нови 500 до 600 милиони евра. Имам впечаток дека никој не сака да разебере две прости нешта.

Прво, ако владата на Емил Димитриев, со која неформално, од сенка, се уште командува Никола Груевски, успее да добие толкави пари за новата обврзница, ВМРО-ДПМНЕ до крајот на годината ќе успее да уфрли најмалку 300 милиони евра за корумпирање на избирачите. Со тие пари фирерот ќе успее да го оствари ветувањето што им го даде на југендите – победа на следните избори, кога и да бидат тие.

И второ, Македонија во овој момент нема техничка влада, а тоа значи дека опозицијата нема формален инструмент да го спречи новото драматично задолжување на земјата. Уште повеќе, страхувам дека под условите под кои Груевски ќе побара нови кредити, нема банка што нема да посака да му даде што повеќе пари.

Знам јас дека во круговите што гравитираат околу Бихаќка ќе се најдат будалетинки кои тогаш ќе вреват дека сето тоа било „скандалозно“ и „шокантно“ и ќе „распалат“ со плуканици по „талибанците“, ама од тоа фајде нема. Ако Груевски ги лапне парите – пиши пропало!

Наместо кукање и наместо да се исцрпува со помалку важни проекти и ултиматуми кои ништо не значат, предлагам опозицијата веднаш енергично да инсистира консензуалното одлучување за најважните државни прашања – а задолжувањето на државата бездруго е едно од тие прашања! – уште веднаш да стане услов за решавање на кризата, во периодот кога се подготвуваат новите избори и кога се делат картите. И секако, тоа да прерасне во стандард и после изборите.

Ама кому зборувам јас… Сфаќа ли некој воопшто колку е важно прашањево што го покренувам, или да престанам и јас да се замарам?

Бранко Героски

Извор : Плусинфо