Академик Таки Фити: МАНУ нема да молчи!

0
1166

Политички притисоци имало и ќе има. Извесно е дека тие во екот на кризата и при потрагата за нејзиното разрешување допрва ќе се засилуваат. Но, МАНУ нема да молчи, вели претседателот на Академијата, Таки Фити во интервју за Дојче Веле.

„Острата критика од ВМРО-ДПМНЕ, упатена најпрвин до мене како претседател на МАНУ, лично не ме загрижува многу, бидејќи оние што тоа го напишаа немаат ниту квалификации ниту компетенции да ја оценуваат научната и стручна дејност на академици и на универзитетски професори. Згора на тоа, знам дека таквите ставови не ги споделуваат многу членови на партијата, вклучувајќи тука и дел од оние на високи функции во извршната власт кои биле мои студенти. Меѓутоа, она што посебно ме загрижува е квалификацијата дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе ја смета МАНУ за клон на СДСМ и Сорос поради објавениот бројчаник за мерење на јавниот долг“. Очевидно, ВМРО-ДПМНЕ, на овој начин негира, дека МАНУ е еден од столбовите на нашата државност, симбол на нашиот идентитет, јазик, култура и на научниот и уметнички потенцијал со кој располага Република Македонија. Затоа, таквата квалификација повеќе говори за составувачите на тој текст, а не за МАНУ како врвна научна и уметничка институција. Инаку, пораката што Центарот за компјутерски науки и информациски технологии кој го објави бројчаникот, и мојот коментар во тој контекст, е повеќе од јасна, па ако сакате и добронамерна – ваквата динамика на пораст на јавниот долг ја загрозува фискалната одржливост на земјата дури и на краток рок, поради што е неопходно да се отвори процес на фискална консолидација, т.е. преиспитување на владината непродуктивна потрошувачка и сведување на буџетските дефицити во разумни рамки. МАНУ, во своите научни трудови, проекти и настапи во јавноста и натаму ќе ги соопштува индикаторите од економската сфера, онакви какви што се. Тука не гледам ништо страшно, бидејќи тие, de facto, се јавни и нив можете да ги најдете и на интернет страниците на Народната банка, Министерството за финансии, Државниот завод за статистика итн“, вели претседателот на МАНУ во интервју за Дојче Веле.