АДВОКАТОТ ЖАРЕ СТЕВАНОСКИ СО БОМБАСТИЧНА АНАЛИЗА ОКОЛУ ПИВО ФЕСТОТ : ПИВОФЕСТ И (НЕ)ТРАНСПАРЕНТНОСТА ПОЗАДИ ПИВОТО И СКАРАТА

0
2624

Годинава се одржа тринаесеттиот по ред фестивал на пивото, кој организаторот EЛС Прилеп го промовираше како најпрепознатлив бренд на Прилеп од светски карактер. Според организаторите (повторно) беа срушени сите рекорди на посетеност, испено пиво и изедена скара, но прилепчани останаа и гладни и жедни за транспарентноста на бројките кои се кријат позади целата медиумска кампања на прилепскиот фестивал на пивото.

zharestefanoski

Малкумина знаат дека Локалната самоуправа не е единствениот организатор на Фестивалот на пивото, а речиси никој не знае кои се точните бројки на приходи и расходи кои градот ги добива од оваа манифестација, ниту пак како се располага со тие средтства.

Според податоците до кои дојдовме по пат на барање одговори од институциите по законот за пристап до информации од јавен карактер, позади маркетиншкиот параван на манифестацијата, се крие повеќе отколку бројките за испиени литри пиво и изедени килограми месо.

Основна цел за организирање и одржување на Фестивалот на пивото во Прилеп е промовирање на Градот Прилеп заради афирмирање на заедницата, кое нешто од друга страна е јавен интерес чие исполнување согласно Законот за локалната самоуправа е должност на општините во РМ. Во таа смисла потребно е да дефинираме важни термини: Работи од јавен интерес од локално значење, се работи од интерес на целата локална заедница или одделни нејзини делови кои се утврдени со закон.

Делегирање на извршувањето е пренесување на вршењето на определени работи од надлежност на еден орган на друг орган, при што работата се врши од името, по упатствата и одговорноста на органот кој го пренел извршувањето. Договор за извршување на работи од јавен интерес од локално значење е договор со кој општината овластува определено правно или физичко лице во име и во интерес на општината, да врши работи од јавен интерес од локално значење.

Кој е организатор

Манифестацијата Фестивал на пивото Прилеп, се организира од страна на ЕЛС Општина Прилеп и Здружението Центар за граѓанска иницијатива врз основа на обострано потпишан Меморандум за партнерско учество во организирање на манифестацијата, што може да се види од Меморандумот за партнерско учество во организирање на манифестацијата е дека и двете страни (организатори) имаат заеднички тим за организација на манифестацијата со свои претставници.

memorandum memorandum2

Околу изборот на коорганизатор

Манифестацијата фестивал на пивото во Прилеп, не е заштитено согласно Законот за авторското право и сродните права, ниту пак неговото организирање претставува ексклузивно право на одредени субјекти, правни или физички лица.

Во годините наназад, изборот на ко-организатор се врши на начин што најпрвин спротивно на Законот за јавните набавки ЕЛС Општина Прилеп т.е Градоначалникот, потпишува Меморандум за партнерско учество во организирање на манифестацијата, со Здружението ЦГИ, кое потоа поднесува барање за користење на простор во центарот на градот и кон него приложува согласност од страна ЈКП Комуналец, ЈКП Водовод, МВР, Телеком и врз основа на така поднесеното барање Градоначалникот издава Одобрение за одржување на настанот во кое како организатор се наведува исклучиво Здружението ЦГИ и на тој начин се оградува од улогата на организатор на манифестацијата.

По оваа фаза Советот на Општина Прилеп донесува одлуки за определување на локалитет, за продолжување на работното време и одлука за утврдување на цената за паркирање. Ова пред сѐ значи дека постапката за избор на ко-организатор на фестивалот е потполно нетранспарентна и спротивна на Законот за јавните набавки од причини што согласно овој закон Општината е должна да објави оглас за избор на организатор на оваа манифестација на кој би се јавиле заинтересираните субјекти кои со своја понуда би конкурирале за изборот на ко-организатор на манифестацијата. Од 2008 година па наваму ексклузивното право на избор на ко-организатор на манифестацијата му припаѓа на Градоначалникот Марјан Ристески.

prikaz

Околу транспарентноста на оранизирањето на манифестацијата

Општините согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер се должни да ги даваат бараните информации на сите правни и физички лица. Правните лица како Здружението Центар за граѓанска иницијатива не подлежи на обврската да дава податоци за своето работење согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Но, кога Општините дел од своите надлежности ги делегираат на правни лица заради вршење на работи од јавен интерес, тогаш правните лица се должни согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, да доставуваат барани податоци до сите правни и физички лица за извршените работи делегирани од страна на општините.

Ова значи дека во организирање на манифестацијата Фестивал на пивото Прилеп, ЕЛС Општина Прилеп, врз основа на Меморандум за партнерско учество во организирање на манифестацијата, склучен со Здружението ЦГИ, дел од своите надлежности ги пренела на Здружението ЦГИ, т.е ЕЛС Општина Прилеп делегирала дел од своите надлежности на правното лице Здружението ЦГИ а со тоа сите податоци околу организацијата, приходите, расходите и обврските и одговорностите околу одржување на Пиво-фестот подлежат под Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Верувале или не, надлежностите околу организирање на фестивалот помеѓу организаторите се поделени на начин што Здружението ЦГИ има обврска да ја плати на ЕЛС Општина Прилеп само комуналната такса за користење на плоштади и др.простор кои за 2015-та година изнесуваат смешни 150.675,00 денари, а од друга страна има овластување преку сметката на здружението да се вршат сите трансакции чиј основ и висина приходи од донации и спонзорства и приходи по основ на закуп на штандови како и вкупните расходи остануваат недостапни за јавноста.

Од друга страна ЕЛС Општина Прилеп конкретно за 2015-та си превзела обврска повторно спротивно на Законот за јавните набавки да ги покрие расходите за склучување на договори со двајца изведувачи во износ од 32.000 евра како и да ги покрие сите расходи околу обезбедување на авио-превоз на изведувачите со придружба, хотелско сместување, бина, озвучување, технички персонал, обезбедување и сл.за чија висина можеме само да претпоставиме дека изнесува минимум 50.000 евра.

Овие средства воопшто не се предвидени при носење на Буџетот за 2015 год.од страна на Советот на Општина Прилеп или како такви дополнително се вметнуваат со ребаланс на буџетот во тековната година.

Дека ЕЛС Општина Прилеп ја користи ЦГИ како параван зад кој ќе ги сокрие сите сите податоци од материјлно финансиската конструкција на манифестацијата е повеќе од јасно.

odgovor_za_prihodi

odgovor_za_rashodi

Манифестацијата Пиво-фест Прилеп е корисна, убава и потребна за Градот Прилеп и истата и до денес требаше од година во година да се подобрува на многу полиња. Но до добивањето на дополнителните одговори поврзани со финансиската конструкција на овој фестивал, за кои уредно се поднесени барања според законот за пристап до податоци од јавен карактер, останува да виси сенката на сомнежот за злоупотреба на манифестацијата за нечии лични бенефити преку прикажување на напумпани бројки за испиено пиво и изедена скара, суми без никакво реално покритие и значење за граѓаните на Прилеп.

Пишува, адвокат Жарко Стеваноски