Авицена Женска трка ќе се трча на 6-ти септември

0
758

Во организација на Сојуз на Спортови на Скопје и А.К. Работнички, а под покровителство на Град Скопје, во недела, на 6-ти септември, ќе се трча долгоочекуваната Авицена Женска трка. Поради вирусот Ковид-19, трката ќе се одржи според специјален протокол одобрен од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

Подигнувањето на стартните броеви на учесничките ќе биде во петок, 4-ти септември, пред А1 куглана во СЦ „Борис Трајковски од 12:00 до 18:00 часот и во сабота, 5-ти септември од 10:00 до 18:00 часот. Ограничениот број на учеснички ќе мораат да го почитуваат специјалниот протокол и правилата во него. На секоја учесничка ќе и биде направен термален скрининг, а носењето на маска е задолжително. Исто така, задолжително е држење на дистанца од 1,5 метри, без групирања додека се одржува трката, а на повеќе места ќе има поставени и задолжителни средства за дезинфекција на раце.

Зоната на стартот на трката ќе биде пред главниот влез на А1 Арена -СЦ Борис Трајковски, со старт во периодот од 8.30 до 9.45 во интервали според стартниот број. Учесничките ќе трчаат патека од вкупно 3.000 метри. На стартната линија ќе се редат 5 учеснички кои што ќе чекаат знак за старт од судиите. Веднаш по стартот на трката се трча лево до подвозникот кај Хотелот Александар Палас, каде што се врти десно и се влегува во Градскиот Парк каде што патеката ќе биде означена со конуси, траки и на одредени места ќе има волонтери коишто ќе ги насочуваат учесничките за правецот на трчање. Целта ќе биде во Градскиот Парк зад Ботаничката Градина. Патеката за трчање ќе биде обезбедена и обележана, а на 1,5 км ќе има поставено и контролна точка за чиповите.

Прогласувањето на победничките ќе биде онлајн по одржувањето на трката. Трите најдобро пласирани учеснички на Авицена Женска трка во генералниот пласман ќе добијат награди, а исто така награди ќе има и за најдобрите три учеснички по возрасни категории, според ChipTime. Од партнерите на Авицена Женска трка ќе бидат обезбедени награди за најсреќните учеснички по пат на лотарија со извлекување на стартни броеви од сите учеснички по завршувањето на трката.

Сојуз на Спортови на Скопје и Град Скопје повикуваат на максимално почитување на протоколот и правилата, вклучувајќи ги и задолжителното носење на маска, дезинфекција на раце и одржување на дистанца за безбедно здравје на сите учеснички во трката.