Хан ја продлабочи кризата!

0
1120

Зошто Јоханес Хан со толку упорност инсистирал на избори, ниедна логика не може да разбере кога се има предвид дека главните столбови на Пржинскиот договор не беа ниту поставени!?

Ако е тој тука во име на европски вредности – таква вредност не може да е кога луѓе кои го предводеле организираниот криминал и понатаму политички бидат факторизирани. Не е европска вредност, истите тие луѓе пак да бидат кандидирани и да водат кампања пред да се добие судска разрешница, која со сите средства се попречува. Народот ќе покажал на избори дека „бомбите“ се лажни, а не некаков независен суд!!!

Не може да е европска вредност киднапирањето на државата и газењето по животот на луѓето и нивното елементарно достоинство. Тоа не само што ја компромитира меѓународната заедница, туку може да доведе и до опасен граѓански судир. Нам ни требаат избори за излез од кризата, а не за продлабочување на истата. Ако имаме криза поради криминалното владеење, која е логиката (а и моралот) истите тие криминалци да не извлечат од таквата криза!?

Веројатно Хан е запознаен дека најмалку четири телевизии со национална концесија и бројни други проституирани медиуми вршаат информативен терор рамно на јавен тероризам. И тоа ли ќе е европска вредност!? Хан од него познати причини има право да мисли дека пироманите можат да бидат и најдобри пожарникари, но познато е дека тероризмот раѓа друг тероризам, дури уште поопасен. Луѓето имаат легитимно право да бараат нивните ограбени пари и имоти да им се вратат. Имаат право да бараат да им се врати слободата и достоинството. Тие не се спремни и понатаму да ја пожртвуваат својата слобода за да се криминалците спасат од затвот. Ако тоа на институционален начин се попречува тогаш и вонинституционалното станува легитимно. По кои вредности Хан дал согласност за избори со медиуми на кои и Гебелс вода може да им носи по тоа како власта ја дигаат на небо, а опозицијата ја закопуваат во земја. Подземјето се прикажува како небеско! Ја фалаат правосудската мафија, а на Јанева да и се закануваат со затвор! Заедно со избирачкиот список, се покажа дека Пржино стана запршка од кукавички јајца.

И затоа продуктот на Хан не преживеал ни 24 часа. Од сите страни беше нападнато, а тој лично видно избламиран. Токму паради тоа што неговиот „плод“ сериозно ги контаминирал основните европски вреднсоти, Јоханес Хан беше силно критикуван дури од релевантни европски фактори. Ако Хан и власта настојуваат по нивно, состојбата драматично ќе ескалира. Тие не знаат дека и на најумерентите луѓе веќе филмот им е пукнат. Ако Брисел стравува од дестабилизација, токму тоа ќе се случи ако не се одржуваат фер избори. Ако се стравува од меѓуетичност, токму незаслужената победа на ДУИ може да доведе до силна детонација. На сите им е јасно дека тројката – Груевски, Ахмети и Тачи, во изборот меѓу ризикот од нивен пораз и ризикот за наше уништење, би го изабрале второто. Токму поради тоа странските посредници треба да мерат со кантарот на златарот, а Хан не се покажа како добар мерач.

Полни десет години владините медиумски слуги не уверуваа дека со ваква хунта сме станеле најсреќни, најубави и најуспешни на светот, ама сме биле ептен чудни што тоа не го осеќаме! Дека лукот и водата се мед и млеко. Но, кога владината расипана стока почна страшно да смрди, власта упорно не убедувала дека смрдеата доаѓа од душманите. Со таков пристап со години криминалци и будали ни ги окупирале сите патишта, сите мостови, паркови, домови, школи, болници, судбини и животи. Ни влегоа по институциите, по судови, по медиуми, по имоти, по џебовите и по нашите души. Ни делеа правда луѓе што самите не ја заслужуваат слободата. А ние перманентно им го отстапивме патот за на крајот да видиме дека сме на пат без пат. Ни стана јасно дека владините „патриоти“ во урнатините на нашите страдања граделе нивни високи финансиски кули. Кога Хан би работел чесно, сега тие што некогаш броеле црни пари, требаше да бројат последни бели денови. Тие што крстареле со луксузни јахти, требаше да висат на појас за спасување. А мора да се сфати дека соучесник во злото е и тој што истата ја дозволува.

Поради овие причини опозицијата веќе нема право на комодитет. Таа не смеe веќе да попушти, оти стабилноста стана нејзина одгoворност. Но, потребна е многу поголема организираност. Не треба да ја повтори грешката од мај лани кога со малку напори криминалот ќе капитулираше. Треба паралелно и преговори, но и протести во секој момент кога ќе бидат потребни. Познато е дека често странците многу повеќе дејствуваат соодветно на состојбите на теренот отколку на принципите и вредностите. Сега е вратена шансата за повторна мобилизација. Таа не треба да се пропушти. На луѓето веќе им е јасно дека ако продолжуваат незаинтересирано да гледат кон несреќата, брзо таа многу заинтересирано ќе гледа кон нив. Ако и ова шанса се пропушта, тогаш долгорочно сме ги пропуштиле сите шанси, и ние и опозицијата. Голема е веројатноста Груевски да е договорен со главните меѓународни играчи (за името), а веројатно договорил и цена за тоа. А таа ќе биде послаба ако ние бидеме посилни и по професионални. Добрата волја ако не е во придружба со професионалноста може да направи иста штета како и лошата волја.

Масовните протести мора да бидат дел од нас. А некои ќе треба да протестираат и против сопствените заблуди како едни врвни арамии ги прогласија за врвни спасители, несвесни дека подржуваат сопствено истребување, осиромашување и отуѓување. Поддржувале сопствено ментално и духовно силување. И да престанеме да ја преколнеме лошата жетва, туку да размислиме што семе сме посееле. Дозволивме нашиот пот да се претвори во бетон и гипс.

Пишува : Мерел Биљали

Колумната е објавена на порталот Либертас