Хан со оптимистичка агенда: Да пресече за изборите, за Груевски, за медиумите…

0
1048

Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување и за соседска политика, е оптимист дека ќе се реши кризата во Македонија и тоа „дефинитивно“, пишува „Мета“.

Тој на својот блог на 1 јануари напиша:

„Врз основа на нашите големи напори, се надевам дека ќе успееме дефинитивно да се надмине политичката криза во поранешната југословенска Република Македонија.“

Европската комисија потврди дека еврокомесарот месецов ќе дојде во Скопје. Иако нема прецизен датум кога би се случило тоа, сепак медиумите информираат дека најверојатни датуми се 14 или 15 јануари.

Хан во Скопје го чекаат редица нерешени обврски од Договорт од Пржино: со тешки маки и со речиси два и пол месеци задоцнување се формираше Државната изборна комисија, а горливи прашања, сепак, останаа:

  • Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето и
  • Регулативата за медиумите

Во изборниот законик е предвидено Државната изборна комисија во соработка со Министерството за внатрешни работи да донесе правилник за начинот на постапување на полицијата за време на спроведувањето на изборите.

Исто така, ДИК ќе треба да усвои и правилник за методологија за водење и за ажурирање на избирачкиот список, заснован на проверки и на статистички анализи, вкрстени проверки на различни бази на податоци и евиденции, неограничени проверки и други советодавни признати методи на проверка.

Друга обврска на ДИК во новата изборна регулатива е и тоа што таа ќе треба да усвои правилник за методологија за целосен пристап и за бришење на податоци во избирачкиот список, како и постапка за спроведување теренски проверки за да може списокот да се ажурира.

Анкетната комисија за скандалот со прислушувани материјали, пак, е блокирана од 17 декември кога беше откажано сведочењето на министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Претседателот на комисијата, Петре Шилегов, ја прекина работата со образложение дека не сака да биде алиби за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што сакаат да го искористат ова тело и да сведочат тајно.

Во делот за медиумите нема никаков напредок. Досега се одржаа само две подготвителни средби на работните групи, но без напредок. Тоа што треба да се реши се кадровските промени во МРТВ, Агенцијата за медиуми и во МИА, и да се донесе нов закон за медиумите.

Повеќе ОВДЕ