Точката од која нема враќање

0
1133

Дали Груевски денес ќе ја премине точката од која нема враќање? Дали од денес на полноќ ќе стапи на сила одлуката за распуштање на Собранието? И дали ќе реши да оди сам на избори и да ја игнорира оценката на САД и на ЕИ дека не се исполнети условите за фер и слободни избори?
Секако дека и тоа може да се случи. Во напад на паника,предизвикана од можни нови кривични пријави и барања за притвор, од страна на Специјалното јавно обвинителство , Груевски може да направи обид за сопствено спасување преку овој вид на радикализација. Во состојба на јавна пониженост и чуство на измаменост со тоа што му било сугерирано да си поднесе оставка на функцијата премиер и да го распушти со одложен датум Собранието и без согласност на СДСМ, тој може да си дозволи да се однесува како „навредена величина„. Но ден потоа ќе сфати дека ништо не добива.
Оние што инвестираа милиони евра, време и кои го заложија својот политички углед и авторитет за да успее Договорот од Пржино, исто така може да се најдат увредени од ваквото негово однесување и да оценат дека не мора веќе да ја толерираат неговата политичка размазеност и ароганција, со која тој до сега нивните оценки со леснотија ги отфрлаше а нивните документи ги прогласуваше за „толетна хартија„ со која може да се избришат кај што треба.
На диктаторите во вакви прилики не им е лесно, но и изборот не им е голем.
Одење на избори со најавен бојкот за Груевски би било еднакво на политичко самоубиство. Прашање е и дали се воопшто можни избори, откако сите што се на страната на „прогресивните сили„ и што соработуваат со САД и со ЕУ и со Ванхауте, ќе бојкотираат, ќе излезат од ДИК од избирачките одбори, од техничката влада и ќе го остават Груевски сам да прави што сака.
Оттука верувам дека сето ова пренамагање од страна на Груевски, и острите зборови за Ванхоуте, демонстрирањето на непристојност и ароганција се само инструменти не за откажување од договорот туку за добивање цврсти ветувања за одржување на изборите на 5ти јуни.
На Груевски, кој во процесот на одвојувањето на државата од партијата, ја пресели владата во неговата партиска резиденција, му е важно само до било кој датум, кога ќе се одржуваат изборите да го задржи својот монопол врз медиумите, да ја одржи контролата врз судството за да ја блокира активноста на Специјалното јавно обвинителство, и да може со натамошно задолжување на земјата да ја одржи илузијата дека земјата се уште не банкротирала и дека тој до последен ден од неговата власт може да дели пари и привилегии.
Тој не ја разбира пораката дека кредибилноста на изборите е поважна од датумот. Затоа тој сега ќе почне да моли за нов датум, но под услов СДСМ да не бара исполнување на условите заради кои не е можно да се одржат изборите на 24ти април. Драмата ќе продолжи и по полноќ. Уставот на Груевски не му значи ништо. Неговото мнозинство во Уставниот суд ќе потврди дека може и по распуштањето на Собранието тоа да работи и да донесе нова одлука. Ќе каже дека ова е вонредна или воена состојба и Собранието може да се свика. Груевски и се е можно. Тој ќе се согласи на се, само некој да не побара судството вистина да стане независно и да почне да определува притвори и затвори, а медиумите да се осмелат да објават дека тој дури и не присуствувал на средбата на лидерите на политичките партии.
Но, опозицијата треба да издржи на своите барања за судски и медиумски амбиент во кој се можни слободни и фер избори, независно од хистеричното однесување на Груевски.
Услови пред датум треба да биде клучниот принцип за кредибилни избори. Без променети услови и амбиент Груевски и натаму ќе тврди дека никој не може да го победи и дека по неговата победа се ќе биде по старо како и до сега.
Ако Груевски реши сам да оди на избори, СДСМ треба да го пушти сам да пропадне.

Пишува : Ѓорѓи Спасов