ТЕЖОК И ТАЖЕН ден за Црни Грујо: Денеска последни пратенички прашања со Груевски како премиер!

0
2010

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 77. седница. На седницата ќе бидат поставувани пратенички прашања.

Зависно како се толкува Договорот од Пржино, ова може да бидат последните, или претпоследните пратенички прашања пред изборите на кои ќе одговара премиерот Никола Груевски.

Ако се почитуваат сите рокови (а, тука Договорот не е баш прецизен со формулациите од типот „во догледно време“ и „ќе поднесе оставка навреме“), премиерот Никола Груевски, заедно со актуелната влада, треба да си поднесе оставка околу Нова година. Потоа претседателот Ѓорге Иванов треба мандатот да ѝ го даде на партијата што има добиено најмногу пратеници на последните парламентарни избори, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа партија, пак, на извршен комитет треба да избере кандидат за премиер кој треба да биде изгласан во Собранието на Република Македонија со просто мнозинство.

Еве што точно за ова предвидува Договорот од Пржино:

Актуелната Влада ќе ја поднесе својата официјална оставка до Собранието во догледно време, да овозможи новата влада да биде инаугурирана на 15 јануари 2016 година, 100 дена пред парламентарните избори кои ќе се одржат на 24 април 2016 година…

Горенаведеното правило значи дека актуелната Влада ќе поднесе оставка навреме  и 100 дена пред следните избори ќе биде назначена новата влада…

Оттаму, предмет на толкување, а можеби и на партиско инаетење, е точниот даум на оставката на Груевски.

Груевски, ако се почитуваат роковите предвидени со закон и се запазат сите датуми, „мора“ оставка да даде на 15 декември. Ако, пак, се инсистира на политички договор како про-форма, тоа „може“ да се случи и на 14 јануари. Во тој случај, за само еден ден претседателот на државата би ѝ го доделил мандатот на ВМРО-ДПМНЕ и истиот ден новата влада би била предложена, а предлогот би бил доставен во Собранието за гласање.

Инаку, извори од СДСМ за „Мета“ велат дека нив не ги интересира кога точно Груевски ќе поднесе оставка. Како што велат оттаму, во Договорот од Пржино точно стои дека новата влада треба да биде формирана 100 дена пред да бидат распишани изборите.

– Дали ќе се запазат сите рокови, на пример, 10 дена за претседателот да даде мандат и уште 20 дена мандатарот да ја предложи до Собранието новата влада, нас не нè интересира. Дали ќе се искористат сите денови или сè ќе се реши во еден ден е небитно. Ние сакаме владата, без Груевски во неа, да се изгласа на 15 јануари – вели нашиот извор.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, вели дека сите рокови предвидени во Договорот од Пржино ќе бидат запазени.

– Ќе се запазат сите рокови затоа што избори мора да има на 24 април за граѓаните да го кажат својот збор – вели Котевски.