Спинерска сламка за спас од бурите што претстојат!

0
1141

Да не беше толку серизен настапот на премиерот во претставувањето на резултатите од рејтинг листата за Дуинг Бизнис , немаше причина да се навраќам на информацијата според која Македонија е на „одличното“ 12-то место  во светот. Дополнителна инспирација ми претставуваа и двајцата негови заменици, кога ги видов како мртво сериозни се застанати позади него, а одвнатре им  доаѓаше да прснат од смеење. Сите тројца, елаборираат  колку тоа тешко било да се оствари  пробив во врвот на земјите кои ги олесниле условите за отпочнување и правење бизнис.  Во хор ги нагласија „деноноќните владини залагања“ и  „илјадници денови работа, стотици реформи, мерки и проекти, за сонот да стане реалност“.

Обземени од успехот  се обидоа да ја убедат јавноста дека, со обзнанувањето на овие резултати  ќе се отвори перспектива за пресврт  во развојот на земјата. Како да заборавија дека Македонија секоја година се искачува на листата на Дуинг Бизнис, и секоја година е далеку пред земјите каде што нашите млади веќе полека, но сигурно, еден по еден си заминуваат. Притоа,  во „земјата на реформите“ ништо спектакуларно не се случи. Напротив, само се потрошија повеќе буџетски средства, без додатни ефекти врз растот.  Состојбите дури драстично и се влошија.

Неповолните трендови годинава кулминираа во тотална општествено економска и политичка криза  за чие решавање   се потребни и странски посредници. Во 2014 година БДП порасна за 3,8%, меѓутоа, во првиот квартал од годинава се намали на 3,2%, а во вториот на 2,6%. Се забавува и динамиката на растот на индустриското производство. Во 2014 година, во однос на претходната година, тоа порасна за 4,8%, меѓутоа, во првите девет месеци годинава, во однос на истиот период лани, тоа расте само со 2,5%. Се намалува и обемот на стоковната размена. Во првите осум месеци од годинава, во однос на истиот лански период, обемот е помал за 12,4%.

Опаѓа и учеството на нето директните инвестиции во БДП од 3,2% во првиот квартал на 2% во вториот квартал од годинава. Се топат и девизните резерви, кои на крајот на минатата година се зголемија преку земање на кредит, а на крајот на септември годинава се помали за 250 милиони евра. Бруто надворешниот долг  во вториот квартал годинава ја префрли границата од 70% во БДП, а јавниот долг достигна ниво од 43,7% од БДП итн. Да не зборуваме за најниските плати и пензии, за нискиот стандард на живеење, за неповолните состојби во образованието, во здравството, за партизираноста на државата….

Имајќи го сето ова предвид нема сомнение дека агресивниот  настап во глорифицирањето на „рејтингшкиот резултат“ e наменето само како мамка за недоволно информираните, дека успехот е на повидок, но не и за оние кои точно знаат за карактерот на таквото рангирање. Во последно време се‘ се по актуелни и предлозите кои доаѓаат од самата Светска банка, каде се бара да се напушти рангирањето и да се остане единствено  на информациите за тоа какви се формалните услови да се започне бизнис во определена земја. Проблемот со методологијата и начинот на кој се прибираат и обработуваат информациите  се доведени под знак прашалник и од луѓето во оваа меѓународна финансиска институција. Дека нешто нечини говори и рангирањето, каде исто како и Македонија и Белорусија постојано се наоѓа во горниот дел од табелата. Белким, не е дека бизнисмените едвај чекаат уште во нашите две земји да започнат бизнис.?!  Да не го потценуваме и да не го залажуваме народот дека рејтингот на Дуинг Бизнис значи спас за земјата. Тој е само „сламка за спас“ од неповолните трендови во бурите што претстојат.

Веројатно не се работи дека тројцата од врвот на владата немаат поим за каков тип на рангирање станува збори и кои се неговите слабости. Секако дека знаат. Знаат и зошто, и покрај пробивот на врвот во условите за правење на бизнис,  земјата не остварува задоволителни економски резултати и никако да се помести од дното на сиромаштијата.

Оттука, сметам дека дури ниту недоволно информираните би поверувале на ваквите спинувани информации за карактерот на ранг листата на „Дуинг Бизнис“.  И тие  имаат доволно искуство  дека од пропагандните фалби досега не видоа никакво фајде. По се‘ се чини дека се изјаловува  и последниот пропаганден налет за бројни странски директни инвестиции во последните две години. Само сетете се на десетиците лански и годинешни најави. А да не зборуваме за најавите од типот на Субрата Рој.  Ланските требаше да се остварат годинава, а годинешните се очекуваат или пред изборите или после изборите. Засега е битно  да се влева надеж дека посакуваниот развој и масовни вработувања само што не почнале во земјата.

Лесно е ако ветувањата не се реализираат. Тогаш едноставно ќе се фрли вината врз   опозицијата дека создала политичка криза од која потенцијалните странски инвеститори се исплашиле и ете во последен момент ги промениле плановите. А тројката како и досега, продолжува да остварува, работи  по цел ден , седум дена во неделата.

Не треба посебна анализа да се заклучи дека премиерскиот настап подржан од двајцата заменици  е во функција на предизборната кампања на власта, кој се чини дека во изминативе девет години никогаш и не прекина. Не игнорирајќи го и формалниот пробив кон подобрувањето на условите за отпочнување на бизнис, крајно време е власта да се запраша кои се причините поради кои, и покрај големите стимулации и олеснувања во последниве две-три години, странските директни инвестиции се на најниско ниво во окружувањето според нивното учество во БДП. Редно е да се објасни апсурдот- како  е можно лидерот во условите за правење бизнис да е последен во привлекување на странци да прават бизнис во Македонија. Ако не се објасни ова, можеме да очекуваме рејтингот и натаму да расте, а економијата да оди надолу. Како што нашите лидери го ценат рејтингот на „Дуинг Бизнис“ да не се чудиме ако власта креира услови за бизнис кои Македонија ќе ја рангираат на прво место во светот. Меѓутоа, какво фајде ако странските директни инвестиции и понатаму не заобиколуваат, а ние и  и понатаму сме на дното по просечна плата и висина на животен стандард, сакате во регионот , сакате во Европа. Силата што ги привлекува инвеститорите , значи,  е на други места од оние што ги рангира Дуинг бизнис. Очекувањата не ги остваривме ниту со тоа што државата  веќе ги субвенционира персоналниот данок и придонесите од платите на вработените кај странските инвеститори. Останува уште да пробаме и со  субвенционирање  и на дел од заработката.  Каде го има тоа? Тоа можат да го прават само „лидери“. Но, очигледно, проблем е што и претераното добро не е на добро, бидејќи имаш задоволни инвеститори, и незадоволен  народ. Чуму ти е тоа?.

Д-р Крсте Шајноски

извор: Фактор