Спик ап, Боби, ама лажи помалку!

0
1254

Не знам кои се причините поради кои Боби Христов, новинарот на Телма, на панелот „Спик ап“ во Брисел, конференција посветена на состојбите во медиумите во Западен Балкан и во Турција, изнесе неколку фрапантни лаги за ситуацијата во Македонија.

Според извештајот на агенцијата Мета, тој изјавил дека во нашата земја немало закани по животите на новинарите. Тоа тврдење е ноторна лага и израз на себичност и непочитување на колегите кои поради тоа што ја критикуваат власта многу пати беа и сè уште се изложени на постојани и директни закани по нивните животи. Ако прашал, новинарот на Телма можел да дознае дека дел од тие закани се уредно пријавени и во Јавното обвинителство и во скопските полициски станици.

Уште пострашна лага е тврдењето на Боби Христов дека „новинарството во Македонија не страда поради суров терор или поради затворање новинари од власта“. Само во последниве две-три години, неколку новинари беа претепани, а колегата Томислав Кежаровски помина неколку месеци зад решетки. Колегите од цела Европа знаат за случајот на Кежо, бидејќи и самите ни се придружија во борбата за неговото ослободување. Само Боби Христов изгледа не чул дека македонски новинар бил затворен од власта поради вршењето на својата професија.

Македонија е една од ретките земји во Европа во која дури и министер се осмели физички да нападне новинар. Да се премолчат вакви факти на конференција на која се зборува за медиумите во Македонија е многу сериозен етички прекршок и чин на отворена поддршка на режимот кој денес е осуден од цела Европа, меѓу другото и поради загрозувањето на медиумските слободи.

Конечно, новинарот на Телма лаже, односно пласира полувистина, кога вели дека се зголемува бројот на тужби помеѓу новинари. Тоа не е точно! Се зголемува бројот на тужби на провладините новинари против критички настроените медиуми. Од спротивната страна, нема тужби, бидејќи да се тужат мегафоните на Груевски е бесмислено фрлање пари и трошење време.

Најфалшлива е централната теза од говорот на Боби Христов, според која во македонското новинарство (кое било „во длабока кома“), постојат слуги на власта и слуги на опозицијата (кои се исти), како и една „мала, трета група новинари, кои се обидуваат да работат независно“. Претпоставувам дека Боби себеси се гледа во таа „мала трета група“ и можеби како таков е повикан да зборува во Брисел.

Таа теза сепак е ноторна лага, конкретно и во случајот на самиот Христов. Не сакам да зборувам за другите колеги од таа наводна „мала трета група“ (не знам ни кои се тие), но за Боби Христов се знае дека е новинар кој живее на буџетските јасли што ги обезбедува една голема македонска акционерска компанија. Нема ништо „независно“ во неговата клиентилистичка позиција. А неговиот обид да стави знак на равенство меѓу новинарите кои му слугуваат на еден фашистички режим и жртвите на тој режим претставува грозна манипулација, неколегијалност и крајно недостоинствено поведение.

ПС. Што се однесува до ламентирањето на Боби Христов за потребата од професионално известување, можам да кажам само едно – видовме колку „професионално“ Боби известуваше од посетата на Зоран Заев на Израел.

Пишува : Бранко Героски