Спасовски: Јанкулоска незаконски издала 424 лични карти на жители од Пустец!

0
969

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на прес-конференција презентираше нови докази за, како што рече, незаконското издавање лични карти на лица од Пустец, од страна на Министерството за внатрешни работи во времето на Гордана Јанкулоска, пренесува „Мета“.

Според Спасовски, кој покажа документи и листи, на 424 лица од Пустец, МВР незаконски им издало лични карти за да може да се најдат во избирачкиот список и да гласаат.

– Сите 424 лица со незаконски лични карти се наоѓаат во избирачкиот список и сите гласаат во општина Центар. По проверките што ги направив во избирачкиот список, овие гласачи од Пустец ги има првпат во 2011 година, а потоа списокот се полни во 2013 година, се надградува во 2014 година, и колуминацијата се случила во 2015 година – рече Спасовски.

Спасовски вели дека гласачите од Пустец, во групи од 20-30 луѓе, биле сместувани во станови. Од извршените проверки, според него, било утврдено дека становите во кои биле сместувани се сопственост на Република Македонија, односно се државни. Министерот истакнува дека има и официјални писмени изјави од службите во МВР и од управните служби дека незаконски биле издавани лични карти без претходно да се издаде решение за живеалиште, што е неопходен документ за издавање лична карта.

– Скандалот со незаконското издавање лични карти зазема сè поголеми размери. МВР ја интензивира постапката и ќе следат пријави против лица вработени во министерството, кои ја злоупотребиле службената положба – изјави Спасовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Спасовски потврди дека се сменети началниците на секторите за внатрешни работи во Скопје, Велес, Куманово, Охрид и во Битола. Како што рече Спасовски, смената ја направил поради сериозни пропусти констатирани во овие сектори, а ги наведе упадот на полицијата во УКИМ, нерешените случаи со нападнати новинари и други.

Извор: Мета