Соопштение БР 3 од страна на Комитетот за заштита и правда

0
992

Почитувани, Во прилог Ви го испраќаме третото соопштение од страна на Комитетот за заштита и правда. Во истото стои остра реакција за неопределувањето мерка притвор за претставниците на власта и селективната правда на судот која што сеуште трае.

Отфрлањето на жалбите на Специјалното јавно обвинителство од страна на Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 е брутален доказ дека во Република Македонија судството е марионета во рацете на режимот. Во досегашната судска практика предложената мерка притвор се определуваше речиси стопроцентно. Сега кога на ред дојде криминалот на режимот предложените мерки на СЈО се одбиваат со смешни неаргументирани образложенија. Вистината е дека на сите лица на кои им била определена мерката притвор биле виновни уште пред судењето. Мерката притвор практично е користена како пресуда пред пресуда. Така власта со години ја практикуваше ова драконска мерка, која според законот треба да се изрекува по исклучок. Затоа, режимот сега соочен со својот криминал по секоја цена се обидува да не се определи притвор. Притворот во нивниот манипулативен парасудски систем беше и сеуште е синоним за пресуда за виновност! За да биде парадоксот поголем, токму деновиве до Комитетот стигна информација дека за ситни кражби глатко се изрекува мерката притвор.

Од друга страна, режимот се заканува на сведоци, и по којзнае кој пат ја дели Македонија! Ги дели луѓето на предавници и патриоти. Предавници се оние ја кажуваат вистината и кој не сакаат да го поддржат криминалното богатење. Патриоти се оние кои по секоја цена го подржуваат злосторничкото здружение. Жални се залажувањата дека изборите и резултатите од изборите ќе ги покријат бројните криминални дејства. Ваквите нереални проекции се класичен доказ за недостаток на контакт со реалноста, но во истовреме и доказ за бескрупулозна манипулација.

Судството е на историски крстопат. Секој ден практикување неправда е пропуштање на шансата за негово консолидирање. Партизираните метастази толку длабоко се навлезени во ткивото на македонските институции и особено во правосудството што единствениот начин на разрешување на кризата во судството е воведувањето специјални судски оделенија и судови и значителен реизбор на судиите. Контролата врз судството и изборот на судиите мора да се врати во парламентот.

Комитетот го повикува Специјалното јавно обвинителство уште похрабро и позабрзано да се се фати во костец со криминалот и да ги финализира сите свои предмети.

Комитетот за заштита на правата уште еднаш потенцира дека во Македонија правдата одамна е недостижна. Таа чудовишно е трансформирана во партиска неправда и пресметка со неистомислениците. Независното судство е дефинитивно излитена фраза. Граѓаните треба да си ги повратат правата кои им припаѓаат по Уставот. Генерации се бореле за тие права и без борба правата нема да се повратат! Комитетот цврсто стои на браникот на одбрана на уставно загарантираните слободи и права и владеењето на правото. За овие свети цели Комитетот ќе се бори до последниот здив.

20.02.2016

Комитет за заштита на правата

Координатор, Ване Цветанов