СДСМ: Учителки и негователки ги оставија децата поради парадите на Груевски

0
1279

За денешната посета на Никола Груевски во Охрид, голем број вработени во јавната администрација и во локалната самоуправа биле принудувани да го напуштат работното место за да присуствуваат на настаните од неговата агенда, обвинија од општинската организација на СДСМ во Охрид.

„Тоа е уште една потврда дека граѓаните го напуштија Никола Груевски. Осамен, Груевски ги принудува вработените во администрацијата и во локалната самоуправа да го пополнуваат слабото присуство за време на неговите посети. На вработените во училиштата и во детските градинки, по електронска пошта, им било испратено барање за присуство на настаните од агендата на Никола Груевски. Поради ова, на децата во градинките немало кој ужинка да им подели бидејќи учителки и негователки морале да присуствуваат на парадите на Груевски, а своето отсуство го оправдале со наводен состанок. Во охридската гимназија часовите биле скратени по 10 минути“, стои во соопштението од партијата.

Во СДСМ проценуваат дека и покрај сè, посетата на Груевски на Охрид поминала со многу слаб одзив. Слабиот одзив во село Велегошти, кое важеше за бастион на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, говори за целосно изгубената доверба на граѓаните во Никола Груевски.

„Граѓаните на Охрид и на Оохридско, со денешното игнорирање, на Никола Груевски му испратија јасна порака. Времето на Никола Груевски помина“, велат од општинската организација на СДСМ во Охрид.