СДСМ: Само ДПМНЕ зборува за федерализација!

0
1193

Соопштение на СДСМ Гевгелија

Во текот на изминатата ноќ во Гевгелија, но и низ другите градови низ земјава, се дистрибуираа флаери во кои се обвинува СДСМ дека сака да ја федерализира Македонија и дека највисоките национални интереси се предмет на политичко пазарење. Овие обвинувања ги отфрламе како гола пропаганда и чиста манипулација!

Флаерите кои беа дистрибуирани содржат извадоци од колумни и емисии на новинарот Бранко Ѓероски, професорот Љубомир Фрчковски и претседателот на СДСМ Зоран Заев. Овие извадоци се целосно надвор од контекст и не се никаков доказ дека СДСМ заговара федерализација. Ја повикуваме гевгелиската и македонската јавност да ги прочита колумните и  да ги погледне видеата од емисиите кои се спомнуваат на флаерите. Ниту во колумните, ниту во емисиите гореспоменатите не се залагаат за федерализација на Македонија. Напротив, тие даваат аргументи против федерализацијата на нашата држава. Затоа ве повикуваме да ги прочитате колумните и да ги погледнете емисиите и да се уверите дека ова е уште еден обид на ДПМНЕ да го оцрни СДСМ.

Единствено ДПМНЕ и нивните медиуми зборуваат за федерализација! Никој друг ниту зборувал ниту зборува за тоа!

Причините за ваквите лаги и манипулации на ДПМНЕ се многу јасни: со вакви квази-информации тие сакаат да го оттргнат вниманието на јавноста од она што навистина е важно. И сега наместо да зборуваме за очајното ниво на македонската економија, за ужасите на политиката на Груевски забележани во сите извештаи на ЕК и за сите докази за криминал и корупција кои беа објавени, стратегијата на ДПМНЕ е да го одвлече вниманието од најважните теми, да ги разгорува националистичките страсти и да го оцрнува СДСМ.

Ова е редовна стратегија на ДПМНЕ. Тие досега многупати, штом ситуацијата ќе им загусти се префрлаа на националистичката карта и играа на емоциите на граѓаните. Откако се потрошија сите лаги, откако им пропаднаа сите монструозни планови, откако го загубија целиот кредибилитет и интегритет, на ДПМНЕ не им остана ништо друго освен да шират страв, лаги, манипулации и омраза. А вистинскиот предавник на македонскиот народ е токму НГ: чувме како тајно договарал промена на името, чувме и видовме како се амнестираа Хашките случаи, чувме и видовме како одби да ги исполни барањата на македонските бранители, а сега гледаме и како го подготвува теренот за федерализација на Македонија. На неговото лицемерие и дволичност им нема крај!

Минатата недела портпаролот на СДСМ Петре Шилегов јавно на прес-конференција објави документ во кој се потврдува дека нарачател на проектот ,,Федерализација на Македонија’’ е владата на РМ под раководство на Никола Груевски. Имено, објавениот документ многу јасно открива дека Владата на РМ планира да одржи трибина на која ќе се разговара за ревидирање на Рамковниот договор.  Трибината е платена со 200.000 евра народни пари! Што ќе излезе од оваа ревизија на Рамковниот- останува да видиме! Но тоа е сценарио на власта!

Апелираме до сите наши сограѓани да не наседнуваат на ваквите ефтини маалски финти на ВМРО-ДПМНЕ. Тие ставаат теми од највисок државен интерес во служба на нивната дневна-политика. Тие веќе не бираат методи за да се одржат на власт. Ова е уште еден доказ за детското, незрелото, неодговорното и недржавничкото однесување на Никола Груевски и ДПМНЕ. Таквото однесување ќе биде соодветно санкционирано од граѓаните на наредните избори.